1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нема грчко-израелска коалиција против Турција!

Бенјамин Нетанјаху е првиот израелски премиер што доаѓа во посета на Грција. Разговорите со неговиот грчки колега се однесуваа најмногу на состојбата на Блискиот Исток, но стана збор и за потесна билатерална соработка.

default

Првпат во Грција - Нетанјаху и Папандреу

Кон средината на август, туристичката сезона во Грција достигнува кулминација. Тоа е мртов политички период во Атина, во кој ретко доаѓа до државни посети - освен ако целта не е таа да предизвика што е можно помало внимание. Се чини дека токму тоа сака да го постигне грчкиот премиер Папандреу.

Само три недели по неговата блиц-посета на Тел Авив, на неподносливата горештина во Атина го прими израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Двете држави сакаат по кратка постапка да ги изградат билатералните односи, а за надокнадување има многу, бидејќи Грција дури во 1993 година го призна Израел.

Стратешка соработка

Mavi Marmara Gaza Flotte Israel

Односите меѓу Израел и Турција се значително влошени по инцидентот пред брегот на Газа

Интересите се јасни, по нарушувањето на односите со Турција поради нападот врз мировниот конвој за Појасот Газа, Израел сега е во потрага по нови пријатели и сојузници. Грција, пак, силно потресена од економската криза, бара алтернативни извори на приходи и нови импулси за своето стопанство. Грчкиот премиер најави „стратешка соработка“ со Израел:

„Договоривме средби на министрите за економија и туризам, со цел да ги поврземе грчките и израелските претпријатија. Се работи, пред се`, за иновативни инвестиции, кои сакаме заедно да ги развиваме - како на пример во областа на алтернативните извори на енергија, земјоделството или, пак, безбедноста“, рече Папандреу.

И додека тој се обидува да привлече што е можно поголем број израелски туристи на грчките острови, Нетанјаху има други грижи: ако им се верува на медиумските извештаи, израелското воено воздухопловство итно бара нови простори за изведување на маневрите, откако Турција го затвори воздушниот простор за Израел. Грција би била сериозна алтернатива за Израел, кој за возврат би можел да се понуди да и` лиферува на Грција модерна воена технологија.

Добри односи со сите соседи

Griechenlan Wirtschaft Tourismus

Бројот на израелски туристи во Грција годинава се зголеми за 40 проценти

Притоа Грција сака по секоја цена да го избегне впечатокот дека со Израел кова нов фронт против Турција.

„Грчко-турските, или турско-израелските односи не треба да им бидат конкуренција на добрите односи што ги развиваат Грција и Израел“, нагласи Папандреу.

Грчкото радио соопшти дека за време на разговорите меѓу грчкиот и израелскиот претседател станало збор, пред се`, за состојбата на Блискиот Исток. Папандреу би сакал да се појави во улогата на посредник што е можно поскоро, како искусен надворешен политичар и претседател на Социјалистичката интернационала. Неговото име се` уште отвора многу врати на Блискиот Исток. Прашањето е само, дали тоа ќе биде доволно, за да се излезе од лавиринтот на блискоисточниот конфликт.

Автор: Јанис Пападимитриу / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска