1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нема граници за американската тајна служба

Американската тајна служба НСА и натаму смее да собира податоци од телефонските разговори во САД, одлучи судот надлежен за набљудување на тајните служби - ФИСЦ. Тој редовно мора да дава дозвола за практиките на НСА.

Еден сојузен судија во Вашингтон, во декември 2013 година, оцени дека собирањето телефонски мета-податоци од страна на НСА, кое на јавноста и‘ стана познато со откритијата на поранешниот соработник на американските тајни служби Едвард Сноуден, е шпионажа спротивна на Уставот. Друг сојузен судија во Њујорк, пак, непосредно потоа оцени дека собирањето мета-податоци е во согласност со законот.

За судот надлежен за случаите на прислушување и надгледување од страна на тајните служби, ФИСЦ, давањето дозвола за натаможно набљудување беше формалност. Тој ја издаде 36-тата дозвола во последните седум години и со тоа даде зелено светло за натамошно непречено прислушување на телефонските податоци од страна на НСА.

Во американската јавност, меѓутоа, дебатата не стивнува. Републиканскиот сенатор Ренд Пол од Кентаки, за телевизискиот канал Фокс Њус најави дека има намера да ја обвини владата на Обама поради шпионажата од страна на НСА.

Станува збор за спас на четвртото дополнување на Уставот, кое на Американците им гарантира право на приватност. Пол не е осамен во неговите ставови. Републиканците од движењето „Ти парти“ и либералните демократи стравуваат од тотално прислушување и надгледување од страна на тајните служби.

Американскиот претседател Барак Обама во декември најави дека уште овој месец ќе донесе одлука дали и на кој начин би се ограничила работата на тајните служби. Експертска комисија, составена по барање на Обама, препорача значително стеснување на просторот за дејствување на НСА.

Проблемот, и покрај последната одлука на ФИСЦ, ќе се најде и пред повисоките судски инстанци во земјата. Зашто, прашањето - дали меморирањето на сите телефонски разговори на недолжните американски граѓани навистина и‘ служи на националната безбедност или тоа ги ограничува фундаменталните права на слобода, и натаму е без одговор.