1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Нема вечера со Путин

Украина, Сирија, трговски ограничувања - ЕУ и Русија имаат многу спорни теми. Некои европратеници зборуваат за ново „ледено доба“ во односите. Тензиите влијаат и врз денешниот самит ЕУ-Русија, кој е радикално скратен.

На врвот на ЕУ во моментов не му е до вообичаени „самитски ритуали“. Вообичаената вечера и различни други рутински манифестации се откажани краткорочно, а самитот е скратен од ден и половина на само дваипол часа. Толку краток досега не бил ниту еден од досегашните 31 самити. Руската страна не била „одушевена“, велат неофицијално дипломати во Брисел.

Официјално се вели дека редуцирањето на самитот треба да придонесе за зголемување на концентрацијата на најважното. „Тоа е јасен сигнал дека раководствата на двете страни сакаат сериозно да се посветат на клучните прашања во меѓусебните односи. Ова дефинитивно не е самит од вообичаен вид“, изјави портпаролот на Европската комисија Оливие Бејли.

Спорни теми без крај

Расположението меѓу ЕУ и Русија е на најниска точка, оценува европратеникот од редовите на либералите, Александер Граф Ламбсдорф. „Во моментов меѓу ЕУ и Русија владее сосема јасно ледено доба. Ова не е самит, туку е откажување од самит.“

Спорни теми има без крај. Руската поддршка за сирискиот диктатор Башар ал-Асад, ограничувањата на увозот од ЕУ, агресивната стратегија на експанзија на рускиот концерн за гас Газпром, повредите на човековите и граѓански права во Русија. Русите, пак, се незадоволни од наводното европско мешање во нивните внатрешни работи и се навредени поради тоа што ЕУ го кочи воведувањето безвизен режим.

EU Russland Gipfel in Brüssel Pressekonferenz Wladimir Putin mit Herman Van Rompuy und Jose Manuel Barroso

Путин на прес-конференција со Ван Ромпој и Барозо по самитот во Брисел во декември 2012 година

На ЕУ нешто и‘ смрди

За нов договор за партнерство се преговара со години, но Русите постојано ги изигруваат Европејците, оценува експертот за Русија од редовите на Зелените, Вернер Шулц. Тој се надева дека врвот на ЕУ - Жозе Мануел Барозо и Херман Ван Ромпј сега конечно со Путин ќе зборуваат отворено. „Мислам дека во меѓувреме навистина им смрди од она што го прави руската страна. Мислам дека тие тоа многу јасно ќе го кажат.“ За прелевање на чашата придонесоа настаните во Украина.

Дипломати на ЕУ сосема отворено велат дека рускиот претседател Владимир Путин е главен одговорен за состојбата во Украина, која е близу граѓанска војна, поради тоа што ја принудил украинската влада да се откаже од потпишување на Договорот за асоцијација со ЕУ. Пратеникот Шулц вели: „Тој предизвика вистинска трговска војна. Работниците од Украина веќе не смеат да одат во Русија. Со големо шиканирање се прават обиди Украина да се принуди да не потпише договор.“

Директна последица од тоа беше почетокот на проевропските масовни демонстрации во Киев. Оттука, состојбата во Украина ќе биде во фокусот на разговорите во Брисел. „Двајцата претставници на ЕУ ќе пренесат порака за Украина, а потоа, се надевам, ќе има дискусија околу тоа“, нагласува Бејли.

Сепак, во Брисел никој нема преголеми надежи. Она што луѓето од врвот на ЕУ сакаат да му го предочат на Путин на самитот, досега не го возбудуваше рускиот претседател.