1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Нема апсолутна заштита од тероризмот

Германкиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер допатува во кратка посета на Авганистан,каде пред три дена загинаа тројца германски војници

Германски војници во Авганистан

Германски војници во Авганистан

Во Авганистан нема безбедни зони, теророт се заканува насекаде и нема апсолутна заштита од терористички напади. Тоа моравме да го доживееме на болен начин – рече германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер. Тој допатува во кратка посета на базата на Бундесверот во Кундус три дена по самоубиствениот напад во кој загинаа тројца германски војници, двајца беа тешко и тројца полесно ранети.

Штајнмаер им оддаде признание на германските војници за постигнувањата во Авганистан и укажа на напредокот во обновата на земјата во периодот по соборувањето на режимот на Талибанците во 2001-ва година. Истовремено американскиот претседател Џорџ Буш апелира до сојузниците во НАТО да го засилат воениот ангажман во Авганистан. По средбата со генералниот секретар на Алијансата Јап де Хоп Шефер во Тексас тој искажа намера партнерските земји да ги увери да преземат поголем товар таму и сите да бидат изложени на подеднаков ризик.

Барањата на Здружението на припадниците на Бундесверот одат токму во спротивна насока: сојузната влада да каже уште колку долго ќе има потреба од ангажман на германските војници во Авганистан. Претседателот на здружението Бернард Герц по саботниот напад врз германската патрола во Кундус ја става под прашање смислата на военииот ангажман.

“Се разбира дека бев потресен и кога ќе се случи вакво нешто, кога тројца војници ќе загинат и петмина ќе бидат ранети мора да се прашаш има ли навистина смисла работата поради која го дадоа животот или доживеаја телесни и душевни рани”.

Герц притоа побара:

“Мора да се преобмисли севкупната стратегија на меѓународната заедница и да се обработат недостатоците во различни области”.

Военото раководство на Бундесверот во Авганистан опстојува врз досегашната задача за воено обезбедувана цивилна обнова на таа земја. Генерал Јозеф Блоц, командант на Северната команда на заштитните трупи ИСАФ и на германскиот контингент, на прес-конференција во Масар-и-Шариф нагласи:

”Нападот беше извршен од непријатели на авганистанскиот народ и влада. А одговорот е дека ништо нема да не одврати заеднички со луѓето во Авганистан, безбедносните сили и владата да продолжиме да работиме врз задачите што и натаму ги имаме”.

Нема да се менува ни настапот на германските војници: тие и натаму ќе ги напуштаат блиндираните возила и ќе настојуваат на контакти со населението, за со тоа да ја јакнат довербата и да прибираат информации од Авганистанците. Безбедносната ситуација на северот е подобра отколку на југот и истокот на земјата, вели генерал Блоц и додава:

“Но, тоа не значи дека овде живееме во мирен рај. Ние сме овде токму затоа што и тука е опасно”.

Досега нема никакви јасни сознанија во истрагата за нападот, а гувернерот на Кундус предупреди дека во регионот има уште атентатори- самоубијци.

“Има ризик и мораме да сметаме на напади, за жал и овде на северот. Постојано има индиции за присуство на Талибанците и на северот. Но, нема јасни сознанија дека нападот во Кундус беше извршен од Талибанците и ние не знаеме ни дали е изворно писмото со кое тие ја преземаат одговорноста” – рече генерал Јозеф Блоц.

Во Кундус тоа беше втор самоубиствен атентат во рок од околу пет недели. Заедно со другите инциденти, тоа е индиција за присуство на вооружени противници на владата во регионот, вели Ник Ли од безбедносната агенција на хуманитарните организации во Авганистан. За хуманитарците северот одамна веќе не е мирно место. Повеќе од една четвртина од сите инциденти на хуманитарците им се случува токму на северот, каде редовно има најчесто криминално мотивирани напади и провали. Претставникот на ОН Адриан Едвардс во Кабул укажа:

“Инциденти како овој напад или другите пред тоа претставуват загружувачки пораст на насилството. Но, не е секогаш јасно кој стои зад тоа. Има тежок криминали и локални конфликти, кои би можеле да имаат удел во тоа”.