1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Некој гладува, некој фрла храна и уште за тоа плаќа!

Околу 20 милиони тони храна во Германија завршуваат секоја година во отпад. Супермаркетите и рестораните прават напори за решение на овој проблем со тоа што донираат и имаат специјални понуди. Но, тоа не е доволно.

default

Петнаесет минути пред затворање почнува - триесетина луѓе се втурнуваат кон празните пластични садови што вработената во еден ресторан ги става на маса. Трчаат кон шанкот и ги полнат садовите со свежа салата, топли јадења или десерти.

„Големината на садовите е еднаква - внатре собира околу еден литар. Во нив може да се полни се‘ што е останато“, објаснува касиерката.

Полн сад чини 4 евра, или само една четвртина од вообичаената цена. Во ресторанот за самопослужување „Касиус гартен“ во Бон ваква понуда има веќе три години. Оттогаш, овде навечер не останува речиси ништо, вели раководителот Јан Лит. Порано било поинаку:

„Повеќето работи едноставно се фрлаа во нормални канти за ѓубре. Кантите се навистина скапи. На овој начин да се ослободите од остатокот храна е исплатливо.“

Се фрла третина од произведеното

Фрлање храна додека други луѓе умираат од глад. Индустриските земји живеат во благосостојба. Во Германија секоја година се фрлаат околу 20 милиони тони храна, вели Валентин Турн, кој има снимено филм за уништувањето на прехранбените намирници:

Валентин Турн

Валентин Турн

„Количеството постојано се зголемуваше. Од 1970-тите години досега, количеството храна што се фрла е зголемено за 50%.“

Според проценките на научниците, една третина од она што ќе го произведе земјоделството се фрла од страна на потрошувачите и трговијата. Сојузното здружение на германската трговија на мало ги има пресметано загубите во браншата. Портпаролот Кристијан Бетхер вели:

„Уделот на прехранбени производи кои веќе не се продаваат, во просек, изнесува еден процент од нето обртот.“

Тоа значи загуба од околу 1,5 милијарди евра годишно. Притоа, не станува збор само за пари - за производство на храната е потребно многу енергија, што придонесува за загревање на климата.

Соработката со народни кујни не е доволно

Сувите лепчиња или смачканите домати можеби не изгледаат атрактивно, но сепак и натаму се вкусни. За да не се фрлаат вакви работи, многу супермаркети донираат на организации за лица на кои им е потребна помош, како што се на пример народните кујни. Вториот по големина синџир супермаркети во Германија, „Реве“, веќе 15 години соработува со народните кујни. Портпаролот на „Реве“ Андреас Кремер, објаснува:

„Од прехранбените намирници кои се‘ уште можат да се јадат, но не и да се продаваат и натаму во супермаркетите, речиси се‘ даваме на народните кујни. Исклучок се прехранбени намирници кои не смееме веќе да ги продаваме од

Полн сад во „Касиус гартен“ чини 4 евра

Полн сад во „Касиус гартен“ чини 4 евра

правни причини, како што се меленото месо и свежата риба. Овие производи мора да се фрлат.“

Значи, во отпад. Таму, и покрај соработката на супермаркетите со народните кујни, завршуваат премногу работи, оценува филмаџијата Валентин Турн. Тој смета дека генерално ваквите постапки се погрешни:

„Вистинско решение би било не да се дели она што е вишок, туку да се избегнува вишок - значи трговците да речат ’производите на кои набрзо им истекува рокот ги нудиме поповолно’.“

Друго решение, според него, би било регалите во супермаркетите да не се дополнуваат непосредно пред затворање. Но, портпаролот на „Реве“ Кремер се спротивставува и вели дека тоа не е можно:

„Затоа што муштеријата не реагира со тоа што не би купил таков производ, туку се лути и во иднина оди да купува на друго место. Си вели: ’Не оди таму, зашто во осум навечер нема да си го најдеш омилениот леб’. Тогаш заминува кај конкурентот, кадешто се‘ уште може да го најде производот.“

Вин-вин ситуација

Потрошувачите, значи, се исто толку виновни за попустото фрлање храна, колку што се земјоделството и трговијата. Прашање е дали германските граѓани по своја волја би се откажале од своите навики и барања.

И покрај вечерната понуда, и во „Касиус гартен“ секоја недела во отпад завршуваат 350 литри остатоци од храна

И покрај вечерната понуда, и во „Касиус гартен“ секоја недела во отпад завршуваат 350 литри остатоци од храна

Во бонскиот ресторан „Касиус гартен“ не се чека на промена на ставот, туку гостите се привлекуваат со поволни понуди, непосредно пред затворање.

Ули, постојан муштерија, поминал враќајќи се од работа, за да си купи поволна вечера:

„Може да се каже - класична вин-вин ситуација. Сопственикот на ресторанот има чиста совест, а луѓето кои можат да купат поволно се радуваат што можат да заштедат.“

Ули го напушта ресторанот со два полни пластични сада и насмевка. Вработената на каса гледа кон шанкот - речиси празно! Сепак, и покрај вечерната понуда, и во овој ресторан секоја недела во отпад завршуваат 350 литри остатоци од храна.

Автор: Олга Капустина / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска