1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Неискрена поддршка за Турција

Додека зачленувањето на Исланд во ЕУ може да биде спречено само од неговото население, негодувањата против влезот на Турција и натаму се големи. Само Британците имаат поинаков став, меѓутоа од погрешни причини.

default

Голема, сиромашна, таинствена - овие три поими опишуваат како повеќето држави од ЕУ гледаат на Турција. Таа е поголема од Франција, има речиси исто толку жители колку Германија, а по личните примања на нејзините граѓани посиромашна е од Романија. Тоа што Турција му припаѓа на поинакво културно поднебје, во ЕУ ретко се спомнува отворено. Германската канцеларка Ангела Меркел зборуваше за големите предности од „поголемото зближување“ со муслиманскиот свет, особено со Турција, меѓутоа не се заложи отворено за прием на земјата во ЕУ. „За начинот на кој ќе го спроведеме ова, дали преку привилигирано партнерство или преку полноправно членство, се` уште се дебатира“, нагласи Меркел минатата година во Прага.

Францускиот претседател, пак, Никола Саркози, беше многу покатегоричен. „Сметам дека за Турција нема место во ЕУ. По ова прашање не сум го променил ставот.“

Меѓутоа, ниту Меркел, ниту Саркози не можат да го променат фактот што ЕУ официјално веќе преговара со Анкара за членство во ЕУ. На крајот на краиштата, лидерите на земјите-членки на ЕУ едногласно се согласија за тоа во 2004 година. Десет до петнаесет години по отворањето на преговорите, треба да се провери до каде стигнала Турција и дали ЕУ навистина може да го издржи нејзиниот прием.

Британците се водат од сопствените интереси

Großbritannien Parteien Konservative David Cameron

Чиста сметка - долга љубов: поддршката од Дејвид Камерон е добро пресметана

А во моментов се чини дека работите не стојат така. По проширувањето со дванаесет нови членки во изминативе пет години, во ЕУ се забележува извесна „умореност од проширување“. Усогласувањето на 27 земји-членки во моментов чини толку многу сили и пари, што ретко кој може да си замисли прием на уште една голема земја како Турција. Освен можеби Дејвид Камерон, новиот британски премиер. „Кога ќе помислам на она што Турција, како членка на НАТО, го има сторено за одбраната на Европа и она што Турција во моментов го прави во Авганистан, ме прави гневен тоа што нејзиниот пат кон ЕУ се попречува на начин, на кој тоа се случува“, истакна Камерон во понеделникот на средбата со турски бизнисмени во Анкара.

Британскиот премиер вети дека ќе се залага колку што може повеќе за Турција еден ден да стане членка на ЕУ. Но, притоа на Британците воопшто не им е дојдено до Турција како таква, туку нивната цел е да ја ослабнат ЕУ како политичка институција. Колку поголема Унија, толку поразлични членки, толку послаба кохезија - ова е сметката што неретко ја прават британските евроскептици.

Сепак, во моментов времето игра во корист на противниците на членството на Турција. Преговорите стигнаа до точката каде земјата мора да докаже дека е способна да се прилагоди на правниот систем и системот на вредности на ЕУ, а овој процес се одвива многу споро - толку споро, што Хрватска и Исланд најверојатно ќе ја претркаат Турција на патот кон полноправно членство во европското семејство.

Автор: Катрин Бранд/ Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска