1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Неизвесноста ги множи резервните кандидати и коалициските партнери

Недостигот од информација дали со претседателските ќе има и парламентарни избори во Македонија, ги намножи и кандидатите и кадровските варијанти, велат во опозицискиот блок.

Кадровски варијанти А и Б подготвуваат за изборите партиите, кои се надвор од владејачкиот блок. Поради недостиг од информација дали во пакет со претседателските ќе се одржат и парламентарни избори, трошат време, енергија и ресурси за да се подготват за секаква можна варијанта. Таквата ситуација го зголеми и бројот на „резервни“ претседателски кандидати.

Партиски извори во опозицискиот блок потврдуваат дека објавувањето на кандидатските имиња е целосно условено од податокот дали ќе има и парламентарни избори.

„Ако има парламентарни избори одреден профил на 'претседателски' кандидат може да биде 'прекомандуван' за носител на листа, бидејќи тежиштето драстично ќе се помести кон парламентарните избори. Во тој случај друг ќе биде номиниран за претседателски кандидат. Оваа ситуација ги намножи и кадидатите и варијантите. Сѐ уште се разгледуваат многу опции“, велат извори кои сакаат да останат анонимни.

Власта ја води играта

Фактот дека се намножија резервни кандидати, го потврдуваат и во најголемата опозициска партија, но официјално воздржано ја коментираат таквата состојба.

„СДСМ е целосно фокусирана на престојните претседателски избори. Согласно со тоа ја гради и својата стратегија. Начинот на настап и сите понатамошни активности на партијата ќе бидат прилагодени согласно со развојот на настаните“, кусо одговараат социјалдемократите.

Сега молчат и власта и опозицијата, со тоа што молкот на власта ѝ носи огромна тактичко-политичка предност.

Во играта дали претседателските ќе бидат заедно со парламентарни избори, секој си има своја стратегија, вели аналитичарот Даут Даути.

„Да не се лажеме. Оние кои се во ситуација да ја водат играта, нормално е да одберат тактики или стратегии кои најмногу им одговараат. Во тој поглед, партиите на власт поради својата упатеност на интерна меѓусебна комуникација, можат да создадат некаква предност. Но кај нас се се чита и не верувам дека некој не е подготвен за двете варијанти, па оттука и овие резервни кандидати. Кога наближуваат избори секој има своја игра, па нормално е и партиите на власт да ги кријат своите намери, ако нивна проценка е дека можат да ја уживаат поддршката на гласачите и затоа играат на картата да ја искористат таа можност. Да се бара транспарентност во тактиките на оние кои сакаат да ја искористат секоја можна предност, не не е нешто за што можеме да ги обвиниме, бидејќи тоа не се работи кои се пропишани со закон. Друго би било кога би го прекршиле законот за да се здобијат со одлучувачка предност“, оценува Даути.

Избори без избор

Но, нетранспарентноста и последиците од неа, веќе станаа предмет на меѓупартиски пресметки. Необјавувањето на претседателскиот адут на СДСМ, беше повод за иронизирање од страна на лидерот на ГРОМ. Стевчо Јакимовски оцени дека СДСМ има проблем бидејќи ниеден партиски функционер не прифаќал да биде кандидат за претседател, па ги повика социјалдемократите да го поддржат нивниот кандидат, Зоран Поповски, и на тој начин „да си ги скратат маките“. Опозицијата го упати поддршка за кандидатот да бара кај ВМРО-ДПМНЕ, за која одработувал и на локалните избори. Ѓорѓи Спасов, социолог и поранешен Генерален секретар на СДСМ, не е изненаден од ваквата состојба.

DW.COM

„Изборите кај нас се доживуваат како војна со непријателот, а не како битка со почитуваниот конкурент со кој имате и заеднички цели за земјата во која живеете. Оттука, како и во војните, изненадувањето на непријателот може на една од страните да и донесе предност. Ако некоја од страните располага со мнозинство во Собранието со кое може да го доведе 'непријателот' во заблуда околу тоа дали ке има или ќе нема избори и кога тие ќе се одржат, тогаш, таа нема да се воздржи од можноста да си обезбеди таква предност со изненадувањето. Бидејќи ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ водат перманентна кампања против опозицијата со сите државни ресурси, за нив како партнери е важно да ја остават опозицијата во исчекување и времето за изборна кампања предвидено со изборниот закон да биде што покусо“, вели Спасов. Според него, ДУИ со ветувањето дека ќе го чека претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ до први март, му направила услуга на својот коалициски партнер да може да манипулира и со имињата на можните кандидати и со можниот датум за одржување предвремени парламентрани избори.

„Со изјавата дека гласачите на ДУИ ќе подржат само кандидат за претседател од ВМРО-ДПМНЕ, со цел да не се растурела владината коалиција, стануава јасно дека изборот на претседател за ДУИ и нема некоја важност, освен дека е тоа прилика за нова трговија со верниот коалициски партнер, со кој ги делат вносните бизниси, тендери, вработувања и функции. Тоа не се околности за одржување фер избори, туку создавање на атмосфера за избори без избор“, потенцира Спасов.

Резервен партнер?

Некои од аналитичарите се уверени дека зад овие тактизирања се крие целта на Груевски да ги израмни позициите на ДУИ и ДПА.

„ДУИ денес сѐ повеќе наликува на ДПА во 2008 година, на чекор пред да бидат присилени да ја напуштат владата на Груевски и во неизвесност дали зад нивниот грб Груевски работи на некој нов договор, овој пат со ДПА“, смета аналитичарот Аресим Зеколи. Според него, Ахмети сѐ повеќе се соочува со социјални барања на своите симпатизери, зголемени финансиски апетити на своите функционери, со губење на контролата врз базата, но и со сѐ поголема одбивност на неговите министри. „Зошто ДУИ се обидува да го пронајде консензуалниот кандидат само со ВМРО-ДПМНЕ, а не на пример со СДСМ, бидејќи кој е легитимен претставник се оценува на избори, а не претходно“, праша Зеколи.

Ако опозијата се „опремува“ со резервни кандидати, дали ВМРО-ДПМНЕ со тактизирањето навистина си подготвува резервен коалициски партнер? Јове Кекеновски, универзитетски професор, кој веќе почна да собира потписи за негова претседателска кандидатура на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, смета дека молкот на власта не е од тактички причини и дека ДУИ одамна го има резервирано местото на партија која секогаш извлекува максимална корист за себе.

Jove Kekenovski Professor an der Fakultät für Tourismus in Ohrid

Јове Кекеновски

„Тактизирањето околу заедничкото одржување на парламентарни и претседателски избори не е од тактички причини, туку од неможноста да се направи сериозен договор помеѓу партиите на власт, односно од неможноста да се договори кој колку да отстапи, а кој колку да земе. Од досегашната практика сите станаваме свесни, дека само ДУИ е партијата која извлекува максимална корист што и да договара. Мислам оти не е точно дека ако нема парламентарни избори нема да имаме цензус за избор на претседател на државата во евентуалниот втор круг, бидејќи на тој начин се маргинализира позицијата, улогата и значењето на претседателот на државата, а сето ова е одраз и последица на досегашното практикување на оваа функција“, вели Кекеновски.

Но, дали навистина за изборните циклуси ќе решаваат само коалициските партнери во власта или постои и „резервен центар“ на одлучување? Некои медиуми објавија информација дека лидерите на ДУИ и ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи се виделе најмалку трипати под арбитража на претставници од владата на Албанија. Целта била потпишување меморандум за интересите на Албанците. Ставот на ДПА бил дека клучно за Македонија е решавање на проблемот на името во рок од една година и правилна распределба на буџетот. ДУИ пак, сметала дека јасно треба да се дефинира оти во албанскиот политички блок има две партии, а во владата ќе влезе само онаа која ке добие мнозинство гласови. До денес, наводно, меморандумот не бил потпишан.