1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Неизвесна иднината на проектот Набуко

Проектот Набуко на средна Европа требаше да и донесе поголема независност од рускиот гас. Но, еден член на конзорциумот се повлече и со тоа го загрозува целиот проект.

Очигледно дека средбата, тогаш во 2002 година, беше хармонична и стилски заокружена со заедничка посета на Виенската опера. На програмата беше Набуко на Џузепе Верди и се чини изведбата им се допадна на претставниците на енергетските концерни од Турција, Бугарија, Романија, Унгарија и Австрија. Зошто инаку би го нарекле својот проект по операта на Верди? Тогаш стануваше збор ни помалку ни повеќе туку за амбициозен план - земјите да станат независни од рускиот испорачувач на гас Гаспром и да се формира конзорциум за нафтовод од Азерјбеџан до Австрија - нафтоводот Набуко.

Кризата ги погоди плановите

Десет години подоцна од тогашната хармонија очигледно не остана ништо. Германскиот енергетски концерн РВЕ, кој се вклучи подоцна како шести член, во меѓувреме критички гледа на проектот и размислува да се откаже од него. Неделава (24.04) веќе се огласи унгарскиот енергетски концерн МОЛ најавувајќи дека веќе нема да ги подмирува трошоците. Финансирањето не беше договорено во овој опсег, се вели кусо во Будимпешта, поради што не е одобрен буџетот за 2012 година. Наместо првичните осум милијарди евра, од информирани кругови се вели дека проектот во меѓувреме чини до 15 милијарди евра. Причина за тоа се пред се’ покачените цени на сировините, пред се’ на железната руда. Оттука и за членовите на конзорциумот важи девизата: штедење, вели Јонас Грец од Центарот за безбедносни студии при техничкиот факултет во Цирих.

Jonas Grätz von der Stiftung Wissenschaft und Politik

Јонас Грец

„Унгарија е во економска криза и од друга страна доби добри понуди од Русија. Унгарија е дел и од рускиот проект Јужен поток. Унгарија е многу зависна од руската испорака на гас“, вели Грец за ДВ. Оттука повеќе се исплаќа соработката со руската страна, откоклку да се турка проектот Набуко.

Проектот Јужен поток, кој треба да транспортира гас од Русија преку Унгарија до Италија, е еден од повеќето конкурентни проекти на Набуко. Меѓу другите тука е турскиот Танап и планираниот гасовод на концернот БП. „Мојата процека е дека Набуко, по испаѓањето на Унгарија, е заслабнат“, вели Грец и додава: „алтернативниот проект на БП има поголеми шанси“.

Гасоводот не е мртов туку покус

Проектот меѓутоа не мора безусловно да замре поради откажувањето на еден партнер. Поповолна алтернатива би било гасоводот да се доведе само до грчката граница и потоа да се користат веќе постоечките инсталации во Турција, наместо Набуко да се гради преку цела Турција, па се’ до азербејџанската и грузиската граница. „Мислам дека гасоводот Набуко во секој случај ќе биде скратен“, проценува Грец, „што всушност значи унгарската одлука, треба допрва да се види“. Повлекувањето од Набуко, е пред се’ симболичен гест, смета експертот: „Унгарците со ова едноставно сакаат да покажат, дека во моментов рускиот Јужен поток е во предност“.

Infografik Nabucco Gas pipeline en englisch

Шансите кои Набуко ги нуди за државите од средноисточна Европа со ова сепак нема да се искористат и нема да се постигне првичната цел на проектот, имено - независност од Русија. Мора да се почека, што ќе донесе проектот на БП, смета Грец, но за тоа во моментов не се познати никакви детали.

„Одлучувачкото прашање е: дали ќе се постигне гасот од централноазискиот простор, независно од Русија, да се транспортира на европскиот пазар? Дали тоа ќе се случи преку Набуко или преку друг гасовод е сеедно“, смета експертот. 

Но, прво треба да бидат најдени партнери, кои воопшто на азербејџанска страна ќе стават гас на располагање - и тие се’ уште не се најдени. Тука топката е кај потенцијалните испорачатели, кои се’ уште немаат потврдено. Исто така треба да се почека каква позиција ќе заземе ЕУ во однос на проектот кој некогаш беше за пример - и таму има се’ помалку заговорници поради ескплодирачките трошоци.

Тогаш - во 2002 година, кога во Виена се роди идејата за Набуко, учесниците на средбата планираа отворање на гасоводот во 2015 година. Сега ниту експертите не се осмелуваат да прогнозираат. Оптимистот Јонас Грец во моментов проценува дека по 2018 би можело да потече гас низ Набуко кон средна Европа.