1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Неизвесен датумот за Србија

Белград очекува да добие датум за старт на преговорите со ЕУ, особено по неодамнешниот успешен развој во дијалогот со Приштина. Но, ЕУ, како многупати досега не е единствена по ова прашање.

Високата претставничка на ЕУ Кетрин Ештон на шефовите на дипломатиите на Унијата им пренела дека Белград и Приштина се конструктивни во дијалогот, наведувајќи го вчерашното отворање на првите два гранични премини. Сепак, според Ештон, најтешките прашања за двете страни дури сега претстојат.

„Отворањето на двата премини е јасен знак за сериозната решителност на двете страни во дијалогот и јас ги поздравувам тие напори за тоа да се оствари во многу тешки околности, рече Ештон на прес-конференцијата по состанокот.

Повеќемина министри во расправата оддадоа признание за политичкиот ризик и за храброста која ја покажале премиерите на Србија и Косово во настојувањата да се дојде до вистински резултати во дијалогот, изјави анонимен висок европски претставник за агенцијата БЕТА.

Hashim Thaci mit Catherine Ashton und Ivica Dacic

Кетрин Ештон со Ивица Дачиќ и Хашим Тачи

Високата претставничка на ЕУ притоа посочила дека најтешките прашања допрва следуваат, а такво е на пример обезбедувањето увид во тоа како Белград ги финансира српските структури во Косово.

Дел од министрите оцениле дека Србија заслужува да и се одреди датум за почеток на преговори, но притоа да продолжи да ги исполнува сите услови.

Од друга страна, дел од министрите инсистирале дека е најважно најпрво да се испочитува целосно исполнување на условите.

Кетрин Ештон на конференцијата за печат истакна дека примената на договорот Белград-Приштина покажува колку двете страни се способни да остварат резултати, иако претстои уште многу работа.

Министрите за надворешни работи денеска попладне треба да одлучат кога ќе одредат датум за почеток на преговори за членство на Србија, имајќи предвид дека дел од членките се уште се противат тоа да се случи во јуни идната година. Според неофицијалните информации, Германија, Холандија и Велика Британија се противат на споменување на каква било временска рамка во заклучоците. Од друга страна, земји како Словенија, Кипар и Шведска настојуваат на земјата да и се одобри датум за почеток на преговори во јуни следната година.

Österreich Außenminister Michael Spindelegger

Михаел Шпинделегер

Шефот на австриската дипломатија Михаел Шпинделегер оцени дека решението веројатно ќе се бара некаде помеѓу.
„Мислам дека европскиот совет нема веднаш да одлучи за преговори со Србија, но дека ќе се одреди реална временска рамка и шанса преговорите да почнат во текот на 2013 година со исполнување на критериумите и продолжување на нормализацијата на односите со Косово“, рече Шпинделегер.

Бидејќи одлуката за датумот за Србија во заклучоците е поврзана и со евентуалното давање перспектива на Косово за преговори за Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, потребно е за тоа да дадат согласност и петте земји членки на ЕУ кои не ја признаваат прогласената независност на Косово и кои сметаат дека е тоа тешко прифатливо.