1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Неизвесен датумот за преговори за Македонија

Атмосферата се вжештува во пресрет на министерскиот состанок за надворешни работи на Европската Унија на седми и осми декември кога земјите членки се очекува да одлучат каква европска перспектива ќе и дадат на Македонија

default

Ќе се вее ли македонското знаме и во Брисел?

Министрите за надворешни работи од седми декември ќе заседаваат два дена во Брисел, нивната агенда како и секогаш во декември е набиена. Една од топ теми месецов за нив е и проширувањето, последните извештаи на Европската Комисија за напредокот на земјите од Западниот Балкан и Турција.

Главните насоки за целиот регион се веќе познати и беа договорени минатиот петок на амбасадорско ниво, освен за Македонија.

Амбасадорите овојпат, слично како во 2005-та кога државата го доби кандидатскиот статус, ќе го остават македонското прашање да се решава на повисоко политичко ниво. Така што целата дебата ќе остане во рацете на министрите во претстојните два дена.

Битката се води околу датумот за преговори за Македонија. Европската Комисија јасно порача дека државата ги исполнува потребните услови за отпочнување на преговорите, но спорот за името останува пречка. Според дипломатски извори во Брисел, се уште не се исклучува можноста од позитивно изненадување на овој состанок иако шансите се минимални.

Многумина дипломати се надеваа дека македонската влада ќе го искористи овој викенд за уште еден чекор напред кон решавањето на спорот со Грција. Наместо тоа, владини извори во саботата брифираа дека битката е во рацете на претседавачот Шведска.

Иако не е спорно дека Шведска има голем интерес да го турне регионот напред, најголемиот дел од работата можат да ја завршат само засегнатите страни – Скопје и Атина, објаснуваат дипломатите во Брисел.

За сега, се чини, и двете страни претпочитаат да се одложи решавањето на спорот најрано за второто тромесечие од 2010-та. Европските дипломати информираат дека македонското прашање ќе биде едно од најчувствителните на овој состанок.

Nikola Gruevski und Jorgos Papandreou

Решение за проблемот можат да најдат само двајцата премиери. Јоргос Папандреу и Никола Груевски

Иако голем број земји членки се залагаат за датум за преговори со Македонија, тие сепак не можат да ја заобиколат Грција. Се очекува поддржувачите на Македонија да вршат дискретен притисок врз грчкиот партнер, според нашите информации ќе се избегнува да се отвора темата јавно пред сите 27 членки. Наместо тоа, ќе се водат билатерални средби со грчката делегација од која ќе се бара да покаже флексибилност и конструктивност кон Македонија, велат високи дипломатски извори во Брисел.

Македонија треба во овој период да покаже максимална проактивност и волја за решавање на спорот ако сака да ги придобие европските симпатии, велат познавачите на македонското прашање во ЕУ.

На 10ти и 11-ти декември на истото место ќе стапат на сцена шефовите на држави и влади. Доколку министрите за надворешни работи не успеат да постигнат договор на седми и осми, Македонија мора да ја искористи и оваа прилика да притиска за датум.

Премиерот Груевски ќе престојува повторно во Брисел на осми декември. Шпекулациите за можна трета средба со грчкиот колега Јорго Папандреу се шират во дипломатските кругови, но ниту од македонската ниту од грчка страна никој не ја потврдува оваа можност.

Доколку Македонија не добие датум за преговори оваа недела, процесот ќе се одложи за најмалку три месеци. Во март се подготвува и посебен неформален состанок посветен на Западниот Балкан. Сепак, предупредуваат познавачите, Македонија тогаш нема да може да смета на истата поддршка од ЕУ како сега, бидејќи претседателството ќе биде во рацете на Шпанија. За разлика од сегашниот претседавач, Шведска, од Шпанија не се очекува посебен притисок врз Грција.

автор: Тања Милевска/БГ

редактор: Борис Георгиевски