1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Незадоволство на косовските Срби од српските власти

Челниците на Србите од северниот дел на Косово вчера вечер порачаа дека не го прифаќаат договорот за интегрирано управување со премините, кој во Брисел со посредство на ЕУ го постигнаа Белград и Приштина.

Претставниците на Србите од Косово рекоа дека испратиле писма до претседателот Томислав Николиќ и премиерот Ивица Дачиќ со барање за средба. „Ќе им кажеме дека имплементацијата на спогодбата за нас е неприфатлива и дека не скаме да живееме во држава Албанија“, рече началникот на косовско-митровачкиот округ Раденко Недељковиќ.

Тој рече и дека од Николиќ и Дачиќ се бара да им се предочи на косовските Срби платформата што тие ја имаат за Косово и Метохија.

Претставникот на општината Зубин Поток Славиша Ристиќ смета дека тој договор за административните линии ќе направи од нив граници.

„Тоа ќе биде класична граница и спротивно на нашата волја ние ќе останеме да живееме во туѓа држава“, рече Ристиќ.

Красимир Панитќ, претседателот на општината Косовска Митровица, оцени дека барикадата на главниот мост во тој град, која го разделува северниот од јужниот дел, е срам за меѓународната заедница и оти таа не срам за Србите кои ја поставиле.

Реакциите стасаа пред денешната средба во Брисел на високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон со српскиот премиер Дачиќ и со косовскиот премиер Тачи.

„Целта на состанокот е разговор за унапредувањето на дијалогот Белград и Приштина под покровителство на ЕУ“, се вели во соопштението од кабинетот на Ештон.

Ештон со Дачиќ и Тачи ќе разговара на одвоени средби, јави Танјуг. Српскиот премиер вчера изјави дека официјален Белград е подготвен за почеток на процесот на договор и политички дијалог со Приштина.