1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Независно Косово или севкупна стратегија за западен Балкан?

Годинава треба да донесе разврска за статусот на Косово или да ја дефинира насоката на идното дефинитивно решение на формално се’ уште српската покраина, а де факто протекторат под управа на ОН. Меѓународната кризна група (МКГ) деновиве се заложи за независност на Косово, а вчера на конференција во Брисел ги претстави поподробно своите предлози. Во првите реакции на германски и европарламентарци - извесна

воздржаност во однос на предлозите на МКГ.

Меѓународната кризна група предлага конкретен временски план за решение на прашањето на статусот во насока кон независност. Од средината на наредната година, смета таа, косовската влада треба суверено да владее. Меѓународна контрола треба да биде вршена само во форма на мониторинг-мисија составена од персонал на ОБСЕ и ЕУ. Но, планот би важел само со исполнување на најмалку два услова: “Ни оддалеку не е прифатлива никаква форма на поделба на Косово како темел за договор за дефинитивниот статус” – рече претседателот на групата Гарет Еванс во Брисел. Вториот услов е заштитата на малцинствата на Косово, пред се’ на српското. А таа заштита, како што констатира вчера и Парламентарното собрание на Советот на Европа, и натаму е недоволна, па Советот предложи формирање специјален суд за човекови права на Косово.

Планот на МКГ предизвика жестоки спротивставувања од српска страна. Миша Ѓурковиќ, експерт и советник на српскиот премиер Коштуница, во Брисел критикуваше дека планот е едностран:

“Оваа цела стратегија значи кршење на меѓународно признатите документи, како на пример Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и завршниот акт од Хелсинки, и ќе предизвика затегнатост и домино-ефект во регионот”.

Гизела Каленбах, пратеник во Европскиот парламент од фракцијата на Зелените, вистинско решение гледа во една поширока стратегија. За Дојче Веле таа рече: “Мислам дека ни е безусловно потребна севкупна стратегија за западен Балкан, зашто сметам дека Косово, Србија и Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија ќе бидат опкружени од земји-членки на ЕУ и би било фатално ако не би имале никакво вистинско и со временски план поврзано постепено проближување на тој регион кон ЕУ”.

Пратеникот од либералната фракција во германскиот Бундестаг Рајнер Штинер во интервју за нашава куќа искажа извесна воздржаност во однос на предлозите на МКГ. “Таа МКГ со својата обемна и детализирана студија даде насоки за размислување, но мислам дека со квинтесенцата за напосредна независност на Косово таа можеби сепак оди по еден опасен пат” – рече Штинер и додаде: “Мислам дека, прво, на самото Косово ќе му биде многу тешко да опстане, тоа значи дека тие во секој случај ќе бидат упатени на поддршка, и второ, дека од тој чекор – ако до него дојде во 2005-та, произлегуваат многу импулси и за други регионални конфликти што лебдат: дали на пример Црна Гора да се одвои од Србија, а врши влијание и врз други региони. Поради тоа сметам дека на пример Русите овде ќе бидат многу претпазливи во давање согласност за таков модел – меѓу другото и поради чеченското прашање” – рече Рајнер Штинер.

Тој се залага за посилна улога на ЕУ и потсети на недвосмислената изјава на Унијата од самитот во Солун дека регионот припаѓа кон Европа и ќе биде приближен кон ЕУ. “Сметам дека тој европски предлог е единствениот политички сварлив и за Белград. Мислам дека непосредната независност на Косово, што ја предлага МКГ, за Белград е политички несварлива, а за мене е важно колку што е можно повеќе да се вклучи и Белград – тоа ние би требало да го направиме” – изјави Штинер.