1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Независните театри ја држат будна македонската театарска сцена?

Во октомври започнаа со работа два нови театри во Македонија. Тие навестуваат нова енергија на македонската независна театарска сцена. Свежината, енергичноста и јасната визија се заеднички за сите со кои разговараше ДВ.

Новото современо читање на текстот „Вејка на ветрот“ од Коле Чашуле на 12-ти октомври го означи почетокот на „Театар Фабрика“, а по три години постоење, на 19-ти октомври „Интимен театар“ од Битола со премиерата на „Трансферату“ го пушти во употреба објектот што во иднина ќе биде нова театарска локација.

Театар Фабрика: Театар се случува секаде

„Сакаме да создадеме независен театарски бренд кој ќе ги следи светските театарски трендови и кој нема да заглавува во однапред поставени, изгледани и веќе здодевни форми“, вели за ДВ Ирена Стеријовска, режисерка на ’Вејка на ветрот’. ’Фабрика’ е млада група автори со идеја да креираат, промовираат и живеат театар. А за театар- секаде може да се најде сцена“, вели Стеријовска.

„Она што го пропагираме е дека театарот се случува секаде - ќе бидеме таму каде што ќе ни бидат отворени вратите. Не само во институционалните театри. Ќе нè видите на плоштад, можеби во некој хангар, секаде каде што може да се направи претстава во согласност со концептот, текстот и со она што имаме да го кажеме. На независниот театар не треба да му биде императив да крши некои веќе поставени норми.

Mazedonien Theater Teatar Fabrika in Skopje

Од претставата „Вејка на ветрот“ - Театар Фабрика

Нашата идеја е да правиме добри продукции и да го покажуваме театарот онаков каков што треба да биде - силен, бескомпромисен, цврст, жесток“, вели Стеријовска. Засега се „покриваат“ само од продадените билети, а сон им е како и на секој независен театар, да имаат сопствен простор.

„Ние ги избираме текстовите, концептите и притоа, немаме кому да поднесуваме сметки за она што го правиме“, вели и објаснува дека независната театарска сцена е израз на силната потреба на авторите за духовен и интелектуален простор. „Радува што тоа особено се млади луѓе и гледам потреба секој автор да го каже своето мислење. Но, да не се сфати дека независната театарска сцена е контра репертоарската политика“, вели Стеријовска.

Интимен театар: Отворен и енергичен

По претставите работени во државните институции, режисерката Софија Ристевска од 2009 година го гради „Интимен театар“, кој ја најавува четвртата претстава „Трансферату“, чија премира ќе го означи отворањето на нов театарски простор во Битола.

Идејата им е на сцена да ги поставуваат современите автори и да избираат скокотливи теми. Театарот на Ристевска го нарекуваат гласен и бунтовен и потенцира дека не го сочинуваат аматери, туку дипломирани актери кои бараат место да ги пласираат својот труд и професионалност.

Mazedonien Theater Intimen teatar in Bitola

„Трансферату“ - Интимен театар

„Тоа е простор во сопственост на моето семејство. Со донации и приватна инвестиција, решив да ја стационирам групата и да водам константен репертоар, а тоа е најважното за една театарска куќа. Во нашите претстави се занимаваме со социјалните проблеми кои силно се изразени во општеството, проблемите што ги наметнува глобализацијата, битисувањето на индивидуата“, вели Ристевска и смета дека една театарската сцена е поквалитетна и поинтересна доколку има различни форми на презентирање.

„Не мислам дека едното е подобро од другото. Претставата ’Трансферату’ е финансирана од Министерството за култура. Единствен проблем на независната сцена е што тешко се наоѓа простор каде што редовно можат да се играат претстави. Само редовниот репертоар ја прави групата - театар. Затоа мојот стремеж е да имаме конкретен простор и да воспоставиме репертоар, односно граѓаните од мојот град да навикнат дека постои и второ место каде што регуларно се одигруваат претстави. Ова е важно затоа што сметам дека независната сцена ја држи ’будна’ институционалната сцена“, вели Ристевска за ДВ.

Театар 007по 16 години...Независниот театар е - независен?!

И независната продукција „Театар 007“ на 18 октомври имаше премиера на претставата „Државна болница“ во режија на Саша Нацевски, во Мала сала- Универзална сала Скопје. Основан е пред 16 години и е една од најактивните независни сцени во земјава. Во 2010 година во соработка со јавната институција Универзална сала „Театар 007“ добива постојан простор за работа.

Mazedonien Theater Theatre 007 in Skopje

Театар 007

„’Театар 007’ негува пред сè алтернативна и експериментална естетика, сака да понуди нешто што не е застапено во државните театри и тоа нè одржува во изминатите години“, вели Миодраг Костиќ, продуцент на „Театар 007“. Публиката има потреба од поинаква театарска естетика, а на Скопје му недостига поголема независна продукција, смета тој, иако генерално се сомнева дека независниот театар е независен.

„Најважно за еден театар е да има редовен репертоар. За мене независен театар не е оној што ќе извади проект финансиран од Министерството за култура, Град Скопје или некој друг извор и ќе заврши со втората или третата реприза. Не знам колку независниот театар денес е независен, и тоа не само кај нас...Независност значи неговите членови да не бидат вработени во некои културни институции и да не ги користат нивните ресурси, па да се задржи независноста е голем проблем со оглед на ресурсите со кои располагаме денес. Сè помал е бројот на оние кои треба да вложуваат во културата. Но, научени сме да работиме во секакви услови, а и театар се случува секаде - можете да направите на улица, во парк...“, вели Костиќ.