1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Самостојност на Македонија

Независна Македонија- историја во движење

Поделбите и партизацијата ја цепат вековната волја на македонскиот народ за своја држава, вели во интервју за ДВ познатиот проучувач на светските архиви и директор на Институтот за историја, Тодор Чепреганов.

default

Професор Тодор Чепреганов

„ Идејата за обединета и самостојна Македонија не може да се партизира, зашто таа постои, пред се’ кај народот. Борбата за независна држава ги обедини сите опции што се појавија во предходниот период – од 1893 година и формирањето на ВМРО, па се до АСНОМ во 1944 година. Затоа и на неговото заседание го имате Методија Андонов -Ченто, Панко Брашнаров, Павел Шатев, но ги имате и комунистите“. Ова е одговор на историчарот Тодор Чепреганов на прашањето дали на патот кон самостојна држава се појавија актуелните партиско-медиумски поделби дека вториот Илинден е дело на антифашизмот кај комунистите, а независноста е идеа само на ВМРО-ДПМНЕ и затоа 8 септември не е мотив за обединување на сите граѓани?

Историчарите се ослободија од идеолошките стеги

Karte ehemaliges Jugoslawien Slowenien, Kroatien, Bosnien und Herzigowina, Serbien, Montenegro, Kosovo, Highlight: Mazedonien,

Националната историја се ослободи од идеолошките стеги по растурањето на Југославија

Професорот Тодор Чепреганов е еден од најистакнатите научници за модерната историја на Македонија. Како трагач по европските архиви, со доза на самокритика ќе ви рече дека по самостојноста историчарите се ослободија од самоцензурата. По 91-ва - Ченто, Брашнаров, Шатев, без предрасуди се вреднувани. Нема табуи и кон Александров, се истражува и ванчомихајловизмот, зашто Иван Михајлов сепак бил Македонец“, вели нашиот соговорник.

„Независноста е период во кога може да се преиспита што се случуваше во и со Македонија во време на југо-федерацијата, но и што направивме во време на самостојноста. Историографијата се ослободи од идеолошките стеги и се отворија одредени табу теми. Голем број на личности кои беа маргинализирани со својата национална улога, значајни настани што беа оставени настрана, ги добија своите вредности. Ние како историчари бевме свесни за самоцензурата, бидејќи ги знаевме и откривавме архивите и историските записи“.

Изминативе две децении се македонска историја во движење. Дел од процесите се завршени, но се’ уште не се открива што е во заднината на одлуките кои ја забрзуваа или забавуваа вековната идеа за самостојна македонска држава, но и настаните во текот на нејзиното дведецениско опстојување. Одредени архиви и списи се’ уште се превез на тајна и веројатно ќе останат три и пет децении. На пример, го имавме воениот конфликт 2001 година, дали постојат и кога ќе бидат достапни документи за него во архивите на Брисел, Франција, Британија, Германија, но тајна се и документите и архивите за конфликтот и во македонските иснтитуции“.

Народ со виталност и оддржливост

Балканските војни ја поделија Македонија, но на договорот од Букурешт пред еден век македонските дејци не реагираа на распарчувањето. И тогаш и сега големите сили се креатори на македонската судбина, а не грчкото вето на самиот на НАТО од 2008 година“, зборува историчарот Тодор Чепреганов.

Mazedonien NATO Mazedonische Fahne und NATO Fahne

„Последни успеавме да формираме самостојна држава, поради замешателствата на балканските држави и големите сили. Но фактот дека и без држава македонскиот народ успеа да го сочува својот национален идентитет, зборува за неговата виталност и оддржливост. Целата документација за македонското прашање е во архивите на влијателните светски држави и тие многу добро ја знаат нашата историја. Затоа денес изгледа смешно кога велиме дека за одделни национални прашања треба нив, Европејците, да ги информираме“.

Грција не беше единствениот фактор за неприемот во НАТО

Каква асоцијација му раѓа самото споменување на Букурештанскиот договор пред еден век и случувањата на Самитот на НАТО во 2008, го прашавме историчарот Чепреганов?

„ Договорот од Букурешт, за поделба на Македонија, за жал го потпиша Македонец, Симеон Радев. Но тој ги застапуваше интересите на Бугарија. Во еден разговор меѓу тогашните дејци Протогеров на Јаворов му напишал дека згрешиле што по Балканските војни дозволиле да се подели Македонија. Освен од Чупоски, ниту еден тогашен виден Македонец не пишувал меморандуми до светските дворови со што протестира против поделбата на Македонија на три дела. Затоа Букурешт пред еден век е трагичен за Македонија.

На самитот на НАТО, Грција не е главниот фактор кој не спречи поради непризнавање на името. Таа линија на влијанија и интереси на големите сили продолжува и на последниот собир во Букурешт. Никој не застана на наша страна? Зошто сега би го промениле името? Тоа се истите игри зад што стојат европските држави кои не поделија и сега би сакале да не обезличат“.

Statue Alexander der Große

Статуата на Александар Велики на плоштадот во Скопје

Суверена држава не треба никого да прашува дали да постави споменик

Професор Чепреганов смета дека антиквизацијата е политички синоним. „Ако се изземе Александар Велики, плоштадот е историја на Македонија на отворено, од Византија до Осмалиството, од гемиџиите до илинденците Гоце, Даме, Ченто или преродбениците и просветителите Кирил и Методиј. Ние сме суверена држава, никого не треба да прашуваме дали и каде да го поставиме Александар Македонски“. Чапреганов, во интервју за ДВ, објаснува дека во книгата за Македонија, што за Париската мировна конференција ја добиле британските дипломати „Александар се третира како дел од македонската историја. Ништо за него нема во сепаратот што Англичаните го подготвиле за Грција“, оценува професорот и директор на ИНИ Тодор Чепреганов, истражувач на модерната историја на Македонија, кој во Лондон со посебна страст ги проучувал и донел дел од архивите на Велика Британија за таканареченото македонско прашање.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Симе Недевски