1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Недостигот од суровини повод за обединување на германската индустрија

Германската индустрија наскоро може да се соочи со недостиг од суровини. Повеќе од 90% од ретките елементи доаѓаат од Кина која, пак, драстично го намали извозот на овие суровини за високата технологија чии цени растат.

default

Германскиот министер за економија Рајнер Бридерле ја охрабри хемиската индустрија да дејствува здружено во напорите за снабдување со ретки суровини и откупот на права за ископување руда во други држави. Дел од германската индустрија веднаш реагира на ваквиот предлог.

Deutschland Wirtschaftsminister Rainer Brüderle Pressekonferenz in Berlin

Министерот за економија Бридерле предложи обединување на индустријата во „ловот“ на суровини во странство

Директорот на најголемата германска компанија за производство на челик „Тисен Круп“ излезе во јавноста апелирајќи: „Не можеме да им ја препуштиме Африка на Кинезите“. Што значеше тоа подоцна објасни Екехард Шулц. Имено, германската индустрија би морала да се обедини во еден вид здружение за снабдување со суровини и на тој начин да купува суровини во странство. Поинаку кажано, со заедничка стратегија за снабдување и обединета финансиска сила треба да се обезбеди доволно количество ретки суровини.

Ваквиот план би се косел со принципите на слободната економија. Сепак, погледнато од призма на законските одредби за картели, ваквото здружение не би морало однапред да се исклучува како можност за снабдување со суровини, вели Андреас Мунт, претседател на Сојузната служба за картели: „Во трка сме на големите светски пазари, но претпоставувам дека во моментов уделот на германските компании на пазарот, дури и кога би биле обединети, би бил сосема мал. Тоа, сепак, мора поподробно да се истражи.“

Afrika China Gipfel in Peking

Кина одамна практикува размена на развојни проекти за суровини во Африка

Плановите не се ограничени само на заедничко снабдување со суровини. Според гласови од индустријата, некои претпријатија планираат да извршат размена на техничко знаење за долгорочен пристап до суровини во земји во развој, како на пример, преку учество во ископување руда или склучување договори за испорака. Моделот не е сосем нов. Бизнисот со размена на инфраструктурни проекти за суровини веќе одамна е доведен до совршенство од страна на Кина, преку нејзината централизирана политика за надворешна трговија - особено во Африка. Многумина сметаат дека и германската индустрија преку обединување би можела да понуди и координира пакети за размена, веројатно и со поддршка од државата. Министерот за економија Бридерле изјави дека државата нема директно да биде инволвирана, но би можело да има државни гаранции како, на пример, за ископување руда во други држави. Од Министерството за развој доаѓаат се` појасни сигнали за посилна врска меѓу државната развојна политика и сигурниот пристап до суровини.

Слична иницијатива им пренесе и министерот за развој, Дирк Небел, на претставниците од индустријата: „Поврзувањето на цели од развојната политика и политиката за суровини не би требало да биде противречност. Имаме многу заеднички интереси и можеме да профитираме едни од други. Вие од нашата компетентност во развојната политика, а ние, пак, од вашите пари. Штом имаме заемни интереси, разумно е заедно да го изодиме патот кон заедничката цел, а тоа е: да оствариме добивка за сите учесници.“

Опозицијата, од друга страна, изразува загриженост поради ваквите планови. Иако иницијативата за заеднички настап на индустријата на пазарот беше поздравена, опозицијата смета дека државата не треба да меша прсти во неа. Керстин Андрије, претставник на Партијата на Зелените во Бундестагот за економско-политички прашања:

Die Grünen Parteitag Abschluss

Опозицијата, на чело со Зелените, против идејата за мешање на државата во евентуалното акционерско друштво на индустријата

„Сметам дека државата не треба да земе учество во какво било акционерско друштво на индустријата за снабдување со суровини. Веќе дискутиравме за ова во собраниската Комисија за економски прашања, бидејќи сакаме да знаеме каква е стратегијата на актуелната влада. И натаму ќе испитуваме каква е ситуацијата, зашто размената на развојна помош за ресурси е погрешно толкување на развојната помош и не соодветствува со нашите хуманитарни барања.“

Каков ќе биде исходот од целата приказна, останува да покаже времето. Сојузот на германската индустрија засега нема официјален став. Оттаму изјавија дека се разговара на заедничка маса и се испитуваат сите можни опции.

Автор: Николас Мартин / Далибор Стајиќ

Редактор: Александра Трајковска