1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Негативно внатрешно влијание во Македонија од блокадата на ЕУ-интеграцијата

Мултиетнички држави - европски модел. Нема промени на границите на Балканот. Интервју за ДВ: гроф Николаус Ламбсдорф, специјален ополномоштеник за Југоисточна Европа на Министерството за надворешни работи на Германија.

default

Гроф Николаус Ламбсдорф

ДВ:

Каква е Вашата процена, зошто германската влада останува на ставот дека без решение во спорот околу името во моментов не се поставува прашање за членство на Македонија во НАТО и ЕУ. Како Вие гледате на веќе 20-годишните македонско-грчки иритации - има ли, во фонот на сегашнава финансиска криза, воопшто некакво придвижување?

Гроф Ламбсдорф:

Спорот околу името е пред се’ проблем меѓу двете соседни држави. Ние им рековме на обете влади дека имаме голем интереси прашањето за името да биде решено, можеби токму поради тоа, дека гледаме оти европските амбиции на Македонија се блокирани, а тоа во меѓувреме има видливи дестабилизирачки негативни влијанија врз внатрешната политика во Скопје. Но, ни тоа не менува ништо во тоа дека прашањето за името може да биде решено само по пат на компромис меѓу двете страни. Во тоа начелно ништо не менува ни пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Не може да има октроирано (однадвор наметнато, н.з,) решение за името, кое би било одлучено од некој суд или можеби од меѓународната заедница. Тоа нема да се случи, но ние апелиравме до двете страни да покажат поголема способност за компромис и да вложат повеќе напори. Тоа го прави и посредникот од ОН, Нимиц, кој по подолго време токму сега ги посетува обата главни града. Тој тешко дека ќе поднесе свои нови предлози, а ниту ние го правиме тоа. Нема никакви германски билатерални предлози, но по пресудата на Меѓународниот суд на правдата ние секако очекуваме во обата главни града сериозно да се погрижат за решение на тоа прашање.

Поделба на Косово не е на дневен ред

ДВ:

Во Србија некои политичари се изјаснија за поделба на Косово. Од агол на гледање на Германија, доаѓа ли воопшто во прашање опцијата за поделба како решение за косовскиот проблем?

Гроф Ламбсдорф:

Одговорот гласи едноставно НЕ. Министерот (за надворешни работи, н.з.) Вестервеле и при посетите на регионот повеќепати категорично кажа дека за нас границите на Балканот се дефинирани, и тоа важи и за северот на Косово. Тој регион не е дел од Република Србија, а ние, инаку, не веруваме дека поделбата би можела да биде решение за проблемот со- и во Северно Косово.

ДВ:

Но, има и политичари, не само во Србија, туку и во Косово, како на пример националистичкото движење на Албанците „Самоопределување“, кои се изјаснуваат за соединување на сите територии во регионот населени со Албанци. Каков е Вашиот став за таа визија?

Гроф Ламбсдорф:

Тоа што таму се предлага, ние го сметаме за целосно погрешно. Тоа не би довело до решение, туку би водело кон нови проблеми на Балканот. Таа партија застапува националистички албански претстави во Косово. Во една демократија тоа е дозволено, но во Косово - а јас сум убеден дека е така и на други места - не може да обезбеди поддршка од мнозинството на Албанците.

Konferenz Medien in Südosteuropa

Нема место за „големи“ држави на Балканот

ДВ:

Фондацијата „Наука и политика“ од Берлин неодамна објави анализа со оцена дека обединувањето на сите територии во регионот населени со Албанци не би предизвикало домино-ефект. Се оценува дека во Македонија во секој случај „со лесно срце“ би ја отстапиле Западна Македонија, оти таму ионака имале многу проблеми со албанското малцинство. Немало место за големи стравувања од големи опасности ни во Босна и Херцеговина, ако би дошло до такви помесувања на границите. Како Вие гледате на ова?

Гроф Ламбсдорф:

Моето гледиште е сосем поинакво. Прво, зад ова стои прашањето за создавање или барем за давање согласност за создавање моноетнички држави. Ние сметаме дека европски модел се мултиетнички држави. Во фонот, во крајна линија, е прашањето за Голема Албанија, кое постојано избива, иако, вчудовидувачки, многу поретко отколку што мислиме. Јас сум цврсто уверен дека Албанија нема никакви интереси за големоалбанските идеи. Патем, за вакви прашања ретко го прашуваат засегнатото население, а размена на територии би повекла и размена на население. Сето тое е неевропски и несврзливо со вредностите, нормите и сфаќањата на ЕУ.

А, што се однесува на домино-ефектот, никој однапред не знае што би излегло на крајот. Кој би сакал да го проба тоа? Ние сосем сигурно такво нешто не би подржале. Напротив, би опстојувале на тоа дека границите на Балканот се утврдени и оти сега е битно во рамките на тие граници да се изградат и развијат модерни мултиетнички држави.

Автор: Верица Спасовска/Зоран Јордановски

Редактор: Борис Георгиевски