1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Негативните прогнози на Рен не се изненадување

Mакедонската влада, опозицијата и експертите, очекуваа вакви оценки од еврокомесарот за проширување Оли Рен, дека земјата годинава нема да добие датум за почеток на преговори за членство во ЕУ.

default

Еврокомесарот за проширување Оли Рен нема добри вести за Македонија

Оценката на еврокомесарот Оли Рен, дека Македонија не е подготвена за преговори со ЕУ и нема да добие датум за почеток на преговори за членство, не е изненадување ниту за премиерот, опозицијата или експертската јавност во земјата. Премиерот Никола Груевски не ја прочитал, како што вели „лошата порака“ од Рен, но уште одамна знае дека датумот за преговори со ЕУ нема да стои во годинешниот извештај на ЕК. „Оваа година нема да добиеме датум за почеток на преговори. Но, наша задача како држава е да направиме се’ што можеме за да се бориме за нашата држава, за името на државата, за нашиот идентитет“, изјави Груевски.

Gruevski mit Solana in Brüssel

Премиерот Груевски по неодамнешната средба со ЕУ претставникот, Солана

Тој за време на неодамнешната посета на Брисел доби директна порака од специјалниот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Хавиер Солана, дека осумте дополнителни критериуми, дополнети со изборните нерегуларности и нерешениот спор со Грција околу името, се ограничувачки фактори за Македонија.

Шекеринска:ако нема датум, Македонија не направила доволен напредок

По ваквите прогнози од Брисел, претседателката на Националниот совет за евроинтеграции, Радмила Шекеринска од опозицискиот СДСМ, констатира:„Она што ќе го добиеме на петти ноември ќе биде објективен приказ на тоа што го сработивме и она што не го сработивме. Ако нема датум, односно предлог датум за преговори, тоа значи дека Македонија не направила доволен напредок.“

Radmila Sekerinska von der SDSM Partei in Mazedonien

Радмила Шекеринска

Македонската влада поангажирано да работи на реализација на критериумите

И за експертите, не е изненадување категоричниот став на Европската Комисија, дека Македонија не ги исполнила дополнителните критериуми што еврокомесарот Рен ги донесе во Скопје, во март годинава. Универзитетскиот професор Мерсел Биљали констатира дека, впрочем не се само осум критериуми поставени од ЕУ, туку ако се вбројат изборните инциденти тогаш се девет, а со барањата за напредок во преговорите со Грција, се десет. Биљали е категоричен дека: „ништо не е извесно, ако се знае дека сегашната власт сеуште нема јасна визија како ќе го реши спорот со Грција.“ Поголем ангажман на македонската влада за реализација на европските критериуми бара Елена Андреева, универзитетски професор од Тетово. Таа потенцира дека без исполнување на таквите услови не може да се добие датум за преговори и додава дека овие обврски, впрочем произлегуваат од Европското партнерство и Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

На петти октомври, Европската Комисија треба да го објави извештајот за напредокот на Македонија во евроинтегративните процеси.