1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Невообичаено отворено признание на НСА

Американската тајна служба НСА призна дека се направени грешки во нејзиното работење. Директорот на НСА Џон Дилонг на телефонска конференција со новинарите зборуваше за „ненамерна грешка“.

„Тоа не се намерни повреди, туку се грешки“, изјави директорот на НСА во текот на вчерашната (16.08) телефонска конференција со новинарите. Тој со невообичаено отворени зборови направи обид да ја разбие недовербата во работењето на НСА, која станува се‘ поголема. Освен тоа, Дилонг нагласи дека грешките при надгледувањето им се пријавени на судовите или на надлежни владини институции.

„Вашингтон пост“ претходно објави дека тајната служба ги кршела правата за заштита на податоците и на граѓаните на САД. Правните компетенции биле надминати и извештаите за надлежните контролни одбори биле фризирани - гласат главните обвинувања во онлјан извештајот на „Вашингтон пост“. Весникот се повикува на една експертиза на НСА и други тајни документи. Изворот повторно е поранешниот соработник на НСА, Едвард Сноуден.

Интерната истрага од мај 2012 само за изминатите дванаесет месеци наведува 2776 случаи. Притоа станувало збор за „недозволено собирање и меморирање на правно заштитена комуникација, недозволен пристап или недозволено проследување на податоци“, пишува „Вашингтон пост“. Освен ова во еден документ се докажувало дека соработниците на НСА биле инструирани да ги разубавуваат извештаите за Министерството за правда и канцеларијата на координаторот на тајните служби на САД. Конкретни детали во нив биле заменувани со општи изјави.

Во еден случај тајната служба го затаила ненамерното надгледување на граѓани на САД. Во 2008 година биле надгледувани „голем број“ повици од главниот град Вашингтон. Заднина била програмска грешка, според која кога бил биран повикувачкиот број за метрополата - 202- бил помешан со меѓународниот број за повик во Египет - (00)20. Овој случај не им бил пријавен на надзорните власти.

Откритијата на „Вашингтон пост“ се дотолку попикантни што американскиот претседател Барак Обама пред само неколку дена рече дека американските граѓани не се погодени од аферата со шпионирање.