1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Невозможна мисија - мировниот план на Кофи Анан пропадна?

Откако е прекината набљудувачката мисија на ОН, неизвесно е како ќе продолжи мировниот план на специјалниот пратеник за Сирија Кофи Анан. Опозицискиот сириски национален совет бара ангажман на вооружени сини шлемови.

„За планот на Анан нема алтернатива, но тој не важи неограничено“, изјави Ахмад Фавси, портпаролот на посредникот за Сирија. Неговиот шеф уште од почетокот се придржува до принципот: надеж. „Набљудувачката мисија е единствената шанса за стабилизација на Сирија“, вели Кофи Анан.

За набљудувачката мисија се согласија сите страни во конфликот. Таа започна на 12. април со договорот за прекин на огнот, кој на почетокот ветуваше успех. „Владата на Сирија го акцептираше планот на Анан и мора да гарантира безбедност и неограничена слобода на движење за набљудувачите“, подвлекува Фавси.

Меѓутоа невооружените сини шлемови на терен можеа да излезат само со државна придружба, беше отворан оган врз нив, нивните возила беа демолирани или напаѓани со камења и железни шипки - честопати мораа да се вратат и да ги остават работите незавршени. „Нивната мисија е опасна, без сомнение. Но, мораме да ризикуваме“.

300 невооружени набљудувачи за 24 милиони Сиријци, за кои ОН сметаат дека се во граѓанска војна. Четири милиони Либијци во соседната земја ги штитат 15.000 сини шлемови. Бројки кои говорат за себе, и кои ги знае и нивниот командант, норвешкиот генерал Роберт Муд. „10, 30, 300 или неколку илјади невооружени набљудувачи не можат да ги решат сите проблеми“.

Во Сирија згора на тоа тие стојат под огромен притисок од страните во конфликтот, смета Тимур Гоксел, кој 20 години работеше за мировните трупи во Либан. „Двете страни се обидуваат да ги придобијат набљудувачите. Меѓутоа добро обучени официри на ОН би можеле да му достават вредни, непартиски и важни информации на Советот за безбедност“.

Ако им се дозволи. Но, недостигот на волја од двете срани ја стопираше нивната мисија, можеби и ја заврши, иако тоа не се случило официјално. Тимор Гоксел бара реалноста подобро да се согледа. „Мисијата служи за светот и ОН да го зачуваат образот. Таа би можела да создаде клима за преговори, но тогаш мора да се прифати, дека тоа ќе го продолжи животот на режимот, што некои држави не сакаат“.

Затоа Кофи Анан уште од почетокот мораше да одбрани некои непријатни удари од неговите налогодавачи од Западот или Заливскиот регион. ОН честопати не говореа во еден глас. Некои објавуваа наводни факти, додека набљудувачите на лице место се воздржуваа, бидејќи им недостасуваа јасни докази. Невозможна мисија, понесена од волјата да се спречи воена ескалација евентуално и надвор од границите на Сирија. „Последната шанса е единствена“, подвлекува Фавси. „Се надевам дека владата и сите во опозицијата ќе ја препознаат кршливата, но реална можност, ситуацијата да се стави под контрола“, смета Анан.

Тимур Гоксел, поранешниот соработник на ОН предвидува што ќе следува: „Стравувам ако работата пропадне, сите ќе им ја префрлат вината на набљудувачите. Притоа, во најдобар случај тие можат да сопрат насилство, но во никој случај да го решат конфликтот“.