1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Невладините ја напуштија конференцијата за климата

Учесниците на конференцијата за климата во Варшава се соочуваат со уште многу отворени прашања. Во знак на протест поради тоа што преговорите „не водат никаде“, големите еколошки организации ја напуштија конференцијата.

Поради тоа што работата на конференцијата за климата не се одвива како што треба, големите еколошки организациим меѓу кои и Гринпис и ВВФ, денеска (21.11.), на еден ден пред официјалниот крај на конференцијата, соопштија дека ја напуштаат работата. Одлуката е без преседан за големи конференции на ОН посветени на борбата за заштита на климата.

„Организациите и движењата одлучија да се повлечат од преговорите во Варшава и да го искористат времето поефектно“, се вели во соопштението на невладините организации. Тие нагласуваат дека конференцијата во Варшава не води никаде, иако требаше да одбележи важна етапа за иднината.

Според германската парламентарна државна секретарка Урсула Хајнен-Есер, која учествува на конференцијата, особено се разидуваат ставовите во однос на парите наменети за сиромашните земји. До 2015 година треба да биде донесена одлука на кој начин, односно по кои патишта сиромашните земји ќе добиваат повеќе пари за развој кој нема да и‘ штети на климата и со кој тие ќе бидат поподготвени да се справат со последиците од промените на климата.