1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Неверојатниот случај на Ури Јало

Како може пијан човек, врзан со лисици, во полициска станица да се запали сам себеси? Еден случај кој долго фрла сенка врз германското правосудство би можел конечно да биде разјаснет, благодарение на новите вештачења.

Пресметката е едноставна, вели експертот за пожари Максим Смирноу. „Знаеме колкава била просторијата, колкава зафатнина имал душекот и колкава енергија можела да се ослободи“. Смирноу со случајот на Ури Јало започнал да се занимава во ноември 2012 година. Јало, инаку барател на азил во Германија, почина на 7 јануари 2005 година под неразјаснети околности во полициски притвор. „Пронајден е душек кој целосно изгорел и тело со тешки изгореници“, потсетува Смирноу. Овој вештак состави извештај врз основа на своите експерименти, а неговите разултати ја поттикнаа Иницијативата за сеќавање на Ури Јало (ИОЈ) да поднесе кривична пријава до Генералното сојузно обвинителство во Карлсруе. ИОЈ смета дека постојат сериозни индиции дека во прашање е убиство. Тие, во соработка со Смирноу, направија и реконструкција на загинувањето на Јало.

Имало ли скршени коски?

Овој случај веќе двапати се најде пред суд. Според официјалната верзија, Ури Јало со потекло од Сиера Леоне, го запалил душекот на кој лежел со запалка за цигари и починал од изгореници. Меѓутоа Јало притоа бил врзан за креветот со лисици и бил во многу алкохолизирана состојба. Згора на тоа, душек како оној на кој лежел Јало е многу тешко да се запали.

Prozess um Tod von Asylbewerber in Dessau

Дополнителната обдукција пронашла индиции дека една од коските под очите на загинатиот била скршена. Еден полицаец вмешан во случајот на крајот на минатата година е осуден за убиство од небрежност и казнет е парично со 10.800 евра. Критичарите им префрлаат на иследниците дека истрагата ја воделе под влијание на предрасуди и оти сакале да забошотат докази. „ Ние сакаме да го затвориме тој случај и сакаме правда. Затоа и продолжуваме да се занимаваме со тоа“, објаснува Моктар Бах од ИОЈ. „Кога во еден чесен процес би се утврдило дека тој си го сторил тоа себеси, тоа би било исто така некаков резултат“.

Новите докази кои ги претстави ИОЈ би можеле да доведат до покренување на нова судска постапка. Активистите имено, со видео-камера ги документирале експериментите на Смирноу. Тој во Ирска со лимени плочи направил просторија со димензии кои одговараат на затворската ќелија во која изгорел Јало. Потоа во таа просторија сместил душек, врз кој ставил умрена свиња замотана во облека: „Тоа е вообичаена постапка при истрага за пожари, бидејќи внатрешните органи кај свињите, а особено нивната кожа, се многу слична на човечките“, објаснува Смирноу.

Душекот бил запалуван во повеќе наврати, а потоа биле мерени штетите на месото на свињата, облеката и подлогата, како и распространувањето на честички во остатокот од просторијата. „За тоа користевме германска техника“, вели Смирноу.

Обвинителството се двоуми

За овој стручњак резултатите се повеќе од јасни: без некаков лесно запалив агенс, тешко е да се замисли дека последиците би биле како во ќелијата на Јало. Резултати слични на тој пожар добивме единствено кога свињата и душекот ги полеавме со пет литри бензин, вели тој.

Овие нови сознанија очигледно оставија силен впечаток врз Фолкер Битман, од обвинителството во Десау. „Не знаев со што овде ќе бидеме соочени“, изјави тој откако му беа претставени резултатите од експериментите. Битман не сакаше веднаш да дава конкретни изјави за тоа што ќе преземе обвинителството. „Можеби ќе бидат потребни дополнителни вештачења“, вели Битман, кој досега сметаше дека нема потреба за дополнително разјаснување на случајот, но „сега тоа се промени“, порача тој.