1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Неверојатниот случај Молат

Случајот Молат ги има сите елементи за добар трилер. Интриги, пари, лажни обвинувања. По седумгодишен присилен престој во психијатриска клиника Молат се наоѓа на слобода. Но многу прашања останаа отворени.

Густл Молат (насловна фотографија) го мразел својот живот во психијатриската клиника. Помило ќе му било, како што вели, да бил во „чесен затвор“. Она што таму најмногу го мразел се ноќните контроли поради кои не можел да се наспие. Молат ја мразел и болничката храна чиј квалитет го нарекува „телесна повреда“. Густл Молат поминал 7 години во психијатриската клиника во баварскиот град Бајројт. Секоја година неговата молба за пуштање на слобода покраинскиот суд ја одбивал. Сѐ до вчера 06.08.2013. Вишиот покраински суд во Нирнберг донесе поинаква одлука и Молат е на слобода.

Му биле дијагностицирани параноидни халуцинации

Bezirkskrankenhaus Bayreuth Gustl Mollath

Психијатриската болница во Бајројт

Името на Густл Молат веќе подолго време се провлекува во германските медиуми. Многумина во него гледаат жртва на правосудството па дури и жртва на заговор на некое повисоко ниво. Поранешниот реставратор на олдтајмери пред неколку години го откри скандалот со тајните трансакции во банката Хипо Ферајнсбанк.

Но, за да се расветли приказната околу 56-годишниот Молат, потребно е да се вратиме во 2006 година. Таа година Покраинскиот суд во Нирнберг го осуди Молат поради наводно телесно злоставување на неговата тогашна сопруга и насилство кон лицата од нејзиниот круг на пријатели, на кои, меѓу останатото, им ги дупчел гумите на автомобилите. Еден психијатар на Молат му дијагностицирал параноидни халуцинации, по што е прогласен за непресметлив и опасен за општеството. Како доказ за психичкото пореметување на Молат судијата го навел и неговото обвинување дека сите лица од кругот на пријатели на сопругата се вмешани во незаконски парични трансакции.

И токму темата за незаконските парични трансакции, тајните сметки и пред сѐ Хипо Ферајнсбанк на целата приказна и даваат нова димензија. Во текот на судењето Молат својата сопруга и голем број лица ги обвинил за матни финансиски дејствија, а за тоа дури неколку пати ја информирал и самата Хипо Ферајнсбанк, во која неговата сопруга Петра била вработена. Конкретното обвинение гласи: Молатовата сопруга Петра заедно со колегите илегално од сметката на Хипо Ферајнсбанк префрлала пари на тајни сметки во Швајцарија. Самата банка реагирала на обвинувањата и наложила интерна ревизија.

Сите обвинувања на Молат „апсолутно точни“

Но судството и понатаму го третирало Молат како психички болен и кон неговиот бранител се однесувало многу некоректно. Државното правосудство исто така не реагирало на обвинувањата во случајот Хипо Ферајнсбанк поради „недостаток на основно сомневање“.

Logo der Hypovereinsbank in Nürnberg

Германската банка Хипо Ферајнсбанк

Но, новинарот од „Зидојче цајтунг“, Уве Ритцер тврди дека во обинувањето на Молат имало и повеќе од доволно информации за започнување постапка. „Наводите се толку прецизни што само требало да се почне“, тврди Ритцер.

Но, требаше да поминат 6 долги години работите за Молат да почнат да се одвиваат во саканата насока. Интерното известување на Хипо Ферајнсбанк, откако со години седело под клуч, некако излезе на виделина. Новинарот на „Зидојче цајтунг“ Рицер стигнал до документите во кои ревизијата заклучува дека сите обвинувња на Молат се „апсолутно точни“. Но иако се обвинувањата точни, даночните истражители тврдат дека не се работи за голем комлот меѓу банките, правосудството и политиката, туку дека повеќе се работи за „секојдневни малверзации на обичните граѓани“. Исто така не се пронајдени елементи според кои би се заклучило дека има некој вид заговор против Молат.
Новинарот Уве Рицер заклучува: „Правната држава во случајот на Молат изгуби многу доверба, така што сакам во еден нов процес изгубената доверба да се врати.“