1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

25. години од падот на Берлинскиот ѕид

Неверојатната приказна на Битерфелд

„Битерфелд, Битерфелд - каде од небото нечистотија паѓа“, римуваа луѓето во времето на ГДР. Дваесет години по падот на Ѕидот, цутат пејзажите на Битерфелд. Градоначалникот Хорст Тишер го смета тоа за речиси неверојатно.

Панорамска слика на градот Битерфелд

На небото над Битерфелд денес нема ниту трага од еколошките ексцеси од минатото

Хорст Тишер се воодушевува кога раскажува за развојот на Битерфелд по повторното обединување на Германија: „Тоа е, всушност, приказна што не може да се опише“, вели почесниот градоначалник на Битерфелд. Шеесетидеветгодишниот поранешен инженер потоа се обидува со зборови да го опише неверојатното. Тишер почнува со тоа дека Битерфелд некогаш го биело глас како најзагаден град во ГДР, од што одамна се ослободил. Потоа се префрла на многуте нови работни места што се создадоа и на крајот стигнува до Гојче, рекреативна зона со езеро и многу зеленило, која настана на подрачјето на некогашниот јагленокоп на работ на градот.

Прво се’ тргна наопаку

Пред тој подем, Битерфелд го зафати драстичен тренд на назадување. По пресвртот во 1989 исчезна голем дел од 75-те илјади работни места. Во деведесеттите години на минатиот век речиси секој четврти работоспособен беше без работа. Со губењето на работни места градот загуби и многумина жители. Се отселија пред се’ млади луѓе. „Тоа не’ загрижува“, вели Тишер.

Центарот на Битерфелд

Центарот на Битерфелд

Летото 2007 година Битерфелд го снема од географските карти како самостоен град - тоа е последица од опаѓањето на бројката на населението и од неопходната соработка за привлекување на индустриски претпријатија. Тогаш Битерфелд се фузионира со соседниот град Волфен, како и со општините Грепин, Холцвајсих, Талхајм и Редген, па настана новиот град Битерфелд-Волфен. Оваа колаж-творба има 45 илјади жители. Речиси исто толку живееја само во Волфен во 1989 година.

Хемискиот комплекс

Позитивен пример, за кој градоначалникот Тишер известува со посебна радост, е хемискиот комплекс на Битерфелд-Волфен. Со површина од 1.200 хектари, тој е поголем од градот Битерфелд. Од 2001 година, со огромни инвестиции од 3,5 милијарди евра, тука беше уреден инфраструктурен рај за претпријатијата. За магнетската привлечна сила на комплексот зборува бројката на фирми,

Фабриката на „Бајер“ во Битерфелд

„Бајер“, во хемискиот комплекс во Битерфелд произведува Аспирин, лек познат во целот свет

кои веќе имаат седиште тука: 360 претпријатија од Швајцарија, Норвешка, Австралија, Чиле, Франција, Шведска, САД и Јапонија. Меѓу нив се и „Акцо Нобел“, „Бајер“ и „Евоник“ (поранешна „Дегуса“). Тие претпријатија заеднички вработуваат 11 илјади луѓе.

За едно од претпријатијата во регионот се раскажува посебно возбудлива приказна за успехот: основана кон крајот на 1999 година, фирмата „Кју-селс“ (Q-Cells) почна со производство на силициумски соларни ќелии во првото полугодие на 2001 година, со само 19 работници. На крајот на 2007 година во „Кју-селс“, кој во меѓувреме стана најголем производител на соларни ќелии во светот, работеа околу 1.700 луѓе.

Таков успех, се разбира, го радува и Рајнер Хазелоф, министер за стопанство на покраината Саксонија-Анхалт. Во октомври тој му додели на претпријатието признание „Приказни за успехот - мејд ин Саксонија-Анхалт“. Со одликувањето, рече Хазелоф, покраината му оддава признание на претпријатието за тоа што долгорочно создава квалификувани работни места во таа клучна бранша. Според плановите на Хазелоф, до 2010-та во таканаречената Соларна долина на работ на Битерфелд треба да работат околу пет илјади луѓе во соларната индустрија. Со тоа регионот уште повеќе би ја подобрил својата позиција како водечки на полето на соларната енергија.

Рај за едриличари пред куќниот праг

Пристаништето во Битерфелд

Едрлици во марината на езерото Гојче

Кој многу работи, има потреба и од малку релаксација за време на викендот. Луѓето од Битерфелд-Волфен за тоа не мораат далеку да патуваат. Директно пред нивниот куќен праг базенот на поранешниот површински коп на јаглен е исполнет со вода и е претворен во рекреативен центар. Во марината на езерото Гојче на брановите се нишкаат јахти-едрилици, а на брегот никнуваат викендички и ресторанти. Веќе се зборува за „ривиера на Битерфелд“.

Значи, има ли во Битерфелд „расцутени пејзажи“, што ги најави канцеларот на обединувањето Хелмут Кол во 1989 година? Градоначалникот Тишер го избегнува тој израз. Тој, како човек кој редовно оди в црква и бил организатор на некогашните „неделни демонстрации“ во Битерфелд, полека пристига до крајот на мисловната прошетка низ Битерфелд, и уште еднаш нагласува: „Ако нашиот регион денес се спореди со времето пред пресвртот, тогаш е неверојатно што се ’ се разви овде“.