1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Небеска цена за еден „Харли Дејвидсон“

„Харли Дејвидсон“, кој го поседувал папата Франциско, беше продаден за сума од 210 илјади евра на аукција во Париз. Во малопродажба овој модел чини меѓу 12 и 15 илјади евра, но овој мотор имаше специјална посвета.

Специјалните и невообичаени нешта не се новина во аукциската куќа Бонамс во Париз. Но, „Харли Дејвидсонот“ на папата? Во аукциската куќа го изгланцаа артиклот број 201, а од наддавањето направија цел настан. Десетици посетители беа одушевени, најмногу од цената која беше постигната. Чеканот удри на сума од 210 илјади евра, кои ги понуди анонимен наддавач преку интернет.

„Тоа мора да е светски рекорд за еден ’Харли Дејвидсон’ од 2013 година, мислам дека во моментов нема поскап мотор од овој. Јасно е дека тоа е цена на славата - папска цена“, вели Бен Вокер од аукциската куќа Бонамс.

Папата Франциско го доби моделот „Дина супер глајд“ минатиот јуни од „Харли Дејвидсон“ како подарок, по повод 110. годишнина на производителот. Потпишан и благословен, папата ѝ го подари моторот на фондацијата „Каритас“, од каде потоа беше понуден на аукција.

На аукција беше понудена и кожената јакна која исто така го носеше потписот на папата. Купувач беше пронајден без проблеми. Цена: ситни 50 илјади евра.