1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Неазависност со „амин “на САД и ЕУ

Косово е независно веќе осум години иако формално не е признато како посебна држава - реагираат албанските политички партии во Македонија. Според нив прашање на време, САД и ЕУ државите да го признаат независно Косово.

default

Скопје

Повик на трпеливост, како и неподелен и, би рекле, безмалку апсолутен оптимизам дека ќе биде извојувана независноста, макар во првиот миг и меѓународно надгледувана – тоа се првите реакции на политичките претставници на Албанците во Македонија по неуспехот до 10 декември да се изнајде конечното решение за статусот на Косово.

Владините ДПА и ПДП и опозиционата ДУИ ја предупредуваат косовската политичка елита дека не треба да прави ништо без „амин“ од Вашингтон и Брисел.

Потпретседателот на ДПА Ружди Матоши за електронските медиуми на албански јазик во Македонија истакнува: - „Косово треба да прогласи независност, но со ефикасно менаџирање, создавајќи добри политички констелации со Соединетите Американски Држави и Европската унија“.

Чекорите на косовските политичари да бидат избалансирани

Во изјавите за Дојче Веле потпретседателите на ДУИ Теута Арифи и на ПДП Исмет Рамадани нагласуваат: - „Сите чекори на косовската политичка елита би требало да бидат во една добра конзистентна линија на соработка особено со Соединетите Американски Држави и Европската унија“

„Македонија треба да го следи тоа што се случува во ставовите на Соединетите Американски Држави и Европската унија и веднаш по нив да биде меѓу првите држави, кои ќе ја признаат независноста на Косово.“

Од тоновите на една внимателност се разликува реакцијата на вториот потпретседател на ДУИ Рафиз Алити: - „Секако дека секое одложување на решението ги зголемува тензиите и нервозите во регионот и кај заедниците што живеат во него“.

Прогласувањето независност ќе ги маргинализира екстремистичките сили

Според Исмет Рамадани од ПДП, „иако поединци, групи, или екстремни сили ќе бидат незадоволни со овој акт, со актот на признавањето на Косово како независна држава – бидејќи знаеме дека има такви сили, кои не се толку релевантни и кои не се задоволни само Косово да биде независна држава - сите Албанци и во Албанија, и тие кои живеат во Македонија и во другите републики, грото од нив ќе бидат задоволни “.

Пензионираниот идеолог на ДПА Арбен Џафери во врска со досегашниот неуспех да се разреши статусот на Косово вчера реагираше во емисијата на албанската телевизија „Топ Ченел“ - „Русија ќе се најде во многу тешка позиција, бидејќи проектот кој го започна ќе заврши со компромитирање на нивната политика и со нивно изолирање од државите, кои ја поддржуваат, во суштина, слободата на народите, што се нарекува политички – право на самоопределување“.

Независност набљудувана од меѓународната заедница

Политикологот и професор на Штуловиот универзитет во Тетово Имер Исмаили за Дојче Веле коментира: - „Тоа не е тотална независност, туку независност, која ќе биде набљудувана од меѓународната заедница. Како таква и подоцна, како комплетна независност, во формално – правна смисла, нема да има никаков ризик за Македонија, туку напротив: се отвораат многу можности за Македонија и во економска и во културолошка смисла за соработка со Косово.“

Евроамбасадорот во Македонија Ерван Фуере вчера разговараше со лидерот на ДПА Мендух Тачи во Тетово, а со претседателот на ДУИ Али Ахмети во Скопје, за поширок спектар политички прашања. Веројатно тој ги консултирал и за нивните ставови за Косово.