1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

На што се должи падот на странски инвестиции во Македонија?

Лошите бројки за странските инвестиции според дел од експертите не се резултат само на кризата во Европа. Владата демонстрира смиреност, странските инвеститори најавуваат активности за подобрување на деловната клима.

Драстичен пад на странските инвестиции и сериозен одлив на странски капитал и‘ се случува годинава на Македонија. Заклучно со септември биле регистрирани само 44 милиони евра инвестиции, или пет пати помалку од истиот период лани, а дури 92 милиони евра биле изнесени од земјава. Причините за ваквиот негативен тренд владата ги детектира главно во глобалната криза и случувањата во Европа. Експертите, пак, предупредуваат дека тоа е само дел од проблемот. Фактот дека резултатите на овој план се слаби и покрај бројните роуд шоуа на владата, според универзитетскиот професор Ванчо Узунов укажува и на системски внатрешни проблеми:  

„Азиските економии и некои други економии во светот не се во криза. Колку што знам владата, особено во првата половина од годинава одеше во тие земји во потрага по инвестиции, но и тие не дојдоа. Значи причините не се само надвор од Македонија, туку и во Македонија. А, тоа е фактот дека владата ги прави оние импровизациски реформи, формално правни реформи, менува закони набрзина и некои подзаконски акти, за да произлезе високо рангирана по квалитетот на домашното опкружување за водење бизнис, меѓутоа бизнисмените не се наивни да веруваат во тоа, туку се распрашуваат какво е де факто опкружувањето и гледаат дека многу работи не функционираат како што треба“, смета Узунов.

Владата е задоволна што од 2007 година во земјата биле инвестирани една милијарда и 550 милиони евра странски капитал. Министерот за финансии Зоран Ставрески очекува нивото на инвестиции да се зголеми со намалување

Mazedonischer Stand auf der Buchmesse in Frankfurt 2009

Бизнисмените пред да инвестираат се распрашуваат за опкружувањето, вели Узунов

на притисоците од европската криза. Ставрески вели дека очекувањата се во 2013 европската криза да овозможи поголемиот дел од веќе најавените инвестиции да се реализираат, односно дека кризата постепено ќе слабее и на тој начин компаниите полесно ќе се решаваат да ги реализираат инвестициите:

„Сметам дека она што се случуваше во изминатите месеци каде што започнаа со изградба на фабрики поголем број на компании покажува дека бизнис амбиентот во Македонија е добар, а тоа го потврдуваат и меѓународните финансиски институции“, смета Ставрески.

Странските инвеститори што се веќе присутни во земјата исто така сметаат дека негативниот тренд е последица на глобалните случувања. Сепак, тие предупредија и на повеќе системски слабости што го кочат нивниот бизнис, посебно во делот на општините. Најавија засилени активности за подобрување на состојбата во делот на правосудството, законот за работни односи и на

Zoran Stavreski Vize Ministerpräsident Mazedonien

Министерот Ставрески очекува зголемување на инвестициите

системот на оданочување, кој иако е поволен, им создава одредени проблеми:

„Системот на оданочување во земјава е стимулирачки и привлекува инвестиции, но постојат и други административни давачки во зависност од индустријата кои од наш аспект исто така се сметаат за одреден вид на оданочување. Мислам оти е фер да се каже дека има  можност да се подобри ситуацијата посебно кога се работи за општините кои административните давачки ги толкуваат на различен начин, така што странските инвеститори треба да се прилагодуваат во контактите со нив. Разговаравме за тоа со здружението на општините и се надевам дека ќе имаме добра соработка“, изјави Даниел Сас, главен извршен директор на Македонски Телеком и претседател на Советот на странски инвеститори во Македонија. 

И покрај глобалната несигурност, за наредната година, Советот на странски инвеститори очекува подобрување на економската ситуација во земјата.