1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

На Хаити веројатно илјадници жртви

По катастрофалниот земјотрес што го погоди Хаити, меѓународните организации сметаат со повеќе стотици дури и илјади жртви. Се`уште нема конкретни бројки за загинатите и причинетите штети. Голем број земји најавија помош.

default

По земјотресот на Хаити

Властите во Порт-о-Пренс и натаму немаат точни податоци околу бројот на жртвите и причинетите штети од катастрофалниот земјотрес. Според проценките на меѓународниот Црвен крст, од земјотресот со јачина од седум степени според Рихтеровата скала, се погодени до три милиони луѓе. Симон Шорно, портпарол на оваа организација, за Дојче веле изјави: „Прерано е да се извлече биланс. Невозможно е да се проценат штетите и потребите во Порт-о-Пренс. Тие, се разбира, се огромни. Тоа е катастрофа за жителите на градот. Нашиот тим е на лице место, имаме десет соработници и се` уште не можат да направат проценка. Тие опишуваат хаотична состојба: нема струја, ниту телекомуникациски врски. Малкуте болници, кои се` уште се оперативни, немаат капацитети да ги примат сите повредени. Црвениот крст прави обиди, колку може побрзо да реагира на оваа ситуација.“

Karte Infografik Erbeben erschüttert Haiti Deutsch ohnn Überschrift

Засега се проценува дека во земјотресот животот го загубија повеќе стотици, дури и илјадници луѓе. Големи делови од центарот на главниот град на Хаити се сметаат за опустошени. Покрај националната палата, парламентот, министерствата и болниците, се урна и зградата на ОН. Шефот на мисијата на Светската организација на Хаити, Тунежанецот Хеди Анаби, според француското министерство за надворешни работи, најверојатно загина во земјотресот. Шефот на француската дипломатија Бернар Кушнер изјави дека специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН на Хаити и некои негови соработници најверојатно го загубиле животот. Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, во меѓувреме, изрази шокираност од размерите на уништувањето по земјотресот на Хаити.

Најавена помош од голем број земји во светот

Haiti Erdbeben

Урантини по земјотресот во Порт-о-Пренс

Германските хуманитарни организации ја пренесуваат и информацијата дека сламовите во предградијата на Порт-о-Пренс исто така се тешко погодени од земјотресот, поради лизгања на земјиштето. Засега, целосно е неизвесна ситуацијата и на југоистокот на земјата, кој најверојатно исто така е погоден од земјотресот. Директорот на Секретаријатот на ОН за меѓународна стратегија за спречување на катастрофи Салвано Бирчено изјави: „Главниот проблем е тоа што ова е многу сиромашна земја и нејзината сиромаштија е причината за оваа трагедија. Видот на земјотресот не би предизвикал толку големи штети во други земји.“

Германската влада, во меѓувреме, ја зголеми хуманитарната помош во вредност од 1,5 милиони евра. Истовремено, помош за настраданите најави и Европската унија, САД и голем број латинско-американски и други земји.

Автор: АТ/ТТ/дв/дпа/апн

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Аудио и видео прилози на оваа тема