1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

На фудбалски натпревар со премиерскиот авион

Можно ли е владин авион да превезува два фудбалски тима од пониските лиги за пријателски натпревар меѓу нив? Во Бугарија – да! Бидејќи во едниот тим игра лично премиерот Бојко Борисов.

Две светски непознати фудбалски екипи од две мали селца во Западна Бугарија играат пријателски натпревар на другиот крај од земјата, на стадион во „приморскиот главен град". Тој „настан" ќе останеше апсолутно незначаен и незабележан, но тоа не се случи поради две причини.

Прво, во едниот тим како централен напаѓач, вклучително и во конкретниот натпревар, се појавува премиерот на државата. А, почесен претседател и фактички сопственик на другиот тим е пратеник од владејачката партија и пријател на премиерот, кој во Бугарија стана познат со законодавна активност во полза на сопствениот бизнис.

Второто, и поважно во случајов, е што двата тима пристигнуваат за натпреварот не како било, туку со владиниот авион испратен по лична наредба на премиерот - централен напаѓач.

Fußball Symbolbild

На „забележителниот“ фудбалски натпревар премиерот бил централен напаѓач

„Апсолутно легална услуга“

Самите учесници во овој случај, природно, не гледаат во него ништо лошо, бидејќи услугата била „апсолутно 100-процентно платена и легална". Сепак, тврдењето е спорно. Дури овој лет и да е навистина платен и законски, тоа не значи дека тој е во ред. Во Бугарија, како што е познато, во принцип и најголемите безобразија обично се вршат целосно легално. Засега нема докази дека летот бил навистина платен.

Даночните обврзници во Бугарија секоја година плаќаат по седум милиони лева за одржување на владиниот авион. Иако тие ги даваат парите, веројатно никогаш немале предвид дека во него ќе се вози кој ќе стигне.

Од друга страна, според законот, со овој авион можат да се вршат летови само за посебни потреби на претседателот, потпретседателот, претседателот на Народното собрание и премиерот, како и за потребите на министерствата и институциите. Бугарскиот фудбалски сојуз, во чие име е формалното барање за летот, не спаѓа ниту во едната, ниту во другата група. Освен тоа, владиниот авион, како што се нарекува, го нема потребниот сертификат за вршење на комерцијални летови.

Точно е дека според закон авионот е „потчинет“ на премиерот и оти летовите се вршат со негова лична наредба. Но, тоа не значи дека тој може да располага со него како со лично возило. Не само поради законот, туку и затоа што во принцип еден државник би требало да се грижи за разумното користење на јавниот ресурс.

Boiko Borisov Bulgarien Premierminister

Не може секој да лета со владиниот авион?! Бојко Борисов

Поради личен каприц и сопствен ќеф

Дека во случајот тоа не е така, станува јасно од очигледните одговори на неколку едноставни прашања. Прво, може ли секој да лета со владиниот авион, ако си плати? Очигледно одговор е - не. За такви летови нема официјално објавена регулатива, услови и цени.

Следното прашање – дали е можно селски тим, како оној од падините на Витоша, да лета за пријателски меч на брегот на Црното море со владиниот авион, ако неговиот капитен и централен напаѓач не е премиер? И тука очигледно одговорот е негативен.

И конечно - зошто им било потребно на двата тима да се кренат на толкав пат за да се сретнат дури на морето, а не некаде во родниот крај? И зошто не патувале со автобус или, во краен случај, со редовен лет? Очигледно одговорот е: бидејќи премиерот и неговиот пријател-пратеник во тој момент се одморале на морето. И владиниот авион полетал поради личен каприц и за сопствен ќеф.

Насекаде во светот, во кој и Бугарија со гордост се вбројува, оваа случка би предизвикала грандиозен јавен скандал со непоправливи последици за политичката кариера на вклучените во него. Но, не и во Бугарија. Најскандалозно е што ним дури и не им паѓа на крај памет колку е скандалозен овој случај.