1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

На студии во затвор!

Во германскиот затвор Фрајбург, затворениците можат да матурираат и да се запишат на факултет. Програмата се покажува како успешна и помага при ресоцијализацијата на затворениците.

default

Затворот Фрајбург во Брајзгау не припаѓа само меѓу најголемите установи во Баден-Виртемберг, туку и меѓу најстарите. Зградата на затворот во Фрајбург е направена пред 100 години по архитектонски пример на затворите во САД, но тоа е единствено нешто што им е заедничко. Затворениците кои издржуваат затворска казна меѓу 15 месеци и доживотна казна затвор, може да бираат помеѓу работа и платена настава. Кој ќе заврши средно училиште или гимназија во затворот, може не само да се надева дека ќе биде ослободен, туку и дека кога ќе излезе од затворот, ќе има и подобри шанси за нов почеток.

JVA Freiburg Unterricht

Томас Реш: „И на затворениците треба да им се даде шанса“

Директорот на затворот, Томас Реш вели: „Граѓаните немаат никаква корист, ако само ги затвориме криминалците. Мораме да се обидеме во рамки на казната да им овозможиме и некои шанси. Најголем број од затворениците кои ги посетуваат курсевите и успешно ги завршуваат. Тоа значи дека имаме една успешна квота од повеќе од 90 проценти со која се гордееме.“

Криминалците сонуваат за диплома

Во затворот се учи во мали одделенија. Учениците за доаѓањето на настава добиваат плата од околу 120 евра – како да одат на работа. Затворениците можат да учат јазици, да одат на курсеви за интеграција, а ако матурираат, ќе можат да се запишат на студии на универзитетот во Хаген кои ќе ги апсолвираат преку новите комуникациски технологии. Тоа го сторил и Витали. Дваесет и осумгодишниот мигрант од Казахстасан, осуден е на осум години затвор. Неговата цел е да стекне диплома „Бечелор во информатика во стопанството“.

JVA Freiburg

За посетувањето на наставата во затворот се добива плата

„Во секој случај сакам да добијам Бечелор диплома, а дали понатаму ќе се запишам на Мастер студии се‘ уште не знам. Но со Бечелор диплома и со три јазици веќе може да се успее во светот“, вели Витали. Самодовербата за жал им недостасува на поголемиот број млади луѓе во затворите. Затоа и на наставата во затворот се учи, како со трпение и издржливост можат да се постигнат животни цели. Во моментов 20 студенти – затвореници се поврзани преку интернет со универзитетот во Хаген. Учителите во затворот ги праќаат тестовите во Хаген. Книгите ги плаќа затворот.

Заштита, но и љубов кон учителките

За тоа дали еден затвореник ќе посетува курс во образовниот центар во затворот или ќе може да студира на далечина, одлучува група психолози, вработени во затворот и наставници. Една од нив е Анита Кајндл, наставничка по математика. Како и сите останати наставници, и таа со себе носи уред за алармирање на стражата. До сега ниту еднаш не го искористила: „Еднаш, двајца затвореници се степаа. Но воопшто не се чувствував загрозена, бидејќи сите останати ученици ме штитеа“.

JVA Freiburg Englischunterricht

Наставничката Ренате Мајер

Директорот Томас Реш забележал уште нешто: „Секако има влијание врз атмосферата и се’ помалку се случуваат физички пресметки меѓу учениците." Но затоа има други проблеми. Во Фрајбург претежно се вработени учителки. Ренате Мајер вели: „Јас сум жена која работи во машка казнена установа. Се случува некој од затворениците да се вљуби, тогаш навистина е тешко да се справиш со ситуацијата."

Барања за преместувања во Фрајбург

Околу 180 затвореници посетуваат разни курсеви во Фрајбург. Секој од нив дневно го чини затворот меѓу 40 и 100 евра. Директорот Реш тврди дека тоа се добро вложени пари.

Во меѓувреме затворениците од другите затвори поднесуваат барања за преместување во Фрајбург, токму поради понудите за образование. И Витали исто така дошол од друга казнено-поправна установа. Следното патување, се надева, ќе биде она на слобода – како дипломиран информатичар.

Автор: Даниел Шешкевиц / Ана Алибегова

Редактор: Жана Ацеска