1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

На Сирија ѝ се заканува изгубена генерација

Повеќе од 100.000 мртви, 4 милиони бегалци во земјата и повеќе од 1,8 милиона бегалци надвор од Сирија - тоа е досегашниот трагичен биланс на војната која трае повеќе од две години. Најтешко се погодени децата.

Кога зборува, на лицето и‘ се забележува болка. „Обично можеме да се потпреме на солидарност, на сочувство кое се забележува и во донациите. Така е обично секогаш кога медиумите известуваат за хуманитарните катастрофи. Но кога станува збор за Сирија, се' е поинаку“, вели Кони Ленерберг, директорка на регионалната канцеларија за Блискиот и Среден Исток при организацијата за заштита на деца “Ворлд Вижн“. „За граѓанската војна во Сирија се известува секој ден, но сочувствување со сиромаштијата и страдањата на тамошните деца не е толку големо како што е вообичаено. И тоа е за нас голема трагедија“, додава Ленерберг.

„Ворлд Вижн“ за Германија, од почетокот на кризата во Сирија до денес, на располагање стави повеќе од 1,5 милиони евра. Во план се натамошни проекти во вредност од околу 700.000 евра.

Поголем дел од тие средства досега отидоа во Либан, со оглед на тоа дека во таа земја живеат најмногу сириски бегалци, а самиот Либан тој проблем не може да го реши. Досега таа земја (со речиси 4 милионско население) прими повеќе од еден милион бегалци од соседна Сирија. Меѓу нив најголем дел се деца и млади под 18 години. Сите тие живеат во бегалски логори, а поголемиот број од нив живеат во сместувалишта кои само потсетуваат на шатори, во повеќе од катастрофални услови.

Недостасува настава на арапски

„Ворлд Вижн“ пред сѐ се грижи за најосновните хуманитарни потреби. Така на пример, покрај финансиската помош од германското Министерство за надворешни работи, во бегалскиот логор Бека-Тал Латрине, е инсталиран довод на вода и обезбедено е снабдување со најосновни производи за живот.
Освен тоа, оваа организација се грижи и за школување на децата бегалци. „Најголем предизвик претставува фактот дека малите Сиријци најчесто зборуваат само арапски, додека во либанските училишта наставата се одвива најчесто на англиски или на француски јазик“, вели претседателот на организацијата „Ворлд Вижн“ за Германија, Кристоф Вафеншмит.
Во моментов, организацијата го користи летниот училишен распуст во Либан за во празните училници да организира настава на арапски за децата од Сирија. Наставниците се учители кои и самите се бегалци од Сирија. Регуларна настава во Либан, имено, во просек посетуваат само 38 проценти од децата-бегалци. Само 2 проценти од нив подоцна успеваат да запишат некое средно училиште.

Christoph Waffenschmidt im Libanon

Кристоф Вафеншмит со сириски деца во бегалски камп во Либан

„И тоа е дополнителен проблем. Освен трауматичните искуства од војната, тие деца не добиваат доволно образование. Немаат перспектива. Дури и кога еден ден ќе заврши војната, Сирија уште долго ќе страда од последиците на конфликтот“, вели Вафеншмит.

Потребна е поголема поддршка

За да им помогне на тие деца, „Ворлд Вижн“ од државните институции, но и од цивилниот дел на општеството, бара повеќе помош и поддршка. Германија прави многу работи, но таа помош би требаоа уште повеќе да се прошири. „Со голема загриженост ја следиме тешката ситуација во Либан. Поради толкав број бегалци, некои места во Либан веќе сега имаат двојно поголем број население од пред една година. Тоа создава голем притисок врз здравствениот систем, врз системот за образование... И секој Либанец тоа го чувствува. Во пракса тоа значи, да речем,е дека една мајка за термин кај лекар за своето дете мора да чека двојно подолго од порано. Децата веќе не можат да играат фудбал на игралиштата затоа што повеќе ги нема - тие станаа бегалски кампови“, вели Кристоф Вафеншмит.