1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

На седумте континентални врвови

Сашко Кедев еден од врвните кардиохирурзи зазема се поистакнато место и во светот на македонското планинарство и алпинизам. По искачувањето на Монт Еверест во 2009-та година тој направи нов извонреден исчекор...

Професијата му е императив. Медицината, кардиохирургијата се неговите приоритети. Истовремено, планинарењето, врвовите, височините во него будат еден поинаков животен предизвик. Сашко Кедев е првиот Македонец кој во својата релативно куса спортска биографија остава силен печат во македонското планинарство. По искачувањето на Монт Еверест (насловна фотографија) во 2009-та , тој годинава ја заокружи својата цел со поставувањето на македонското знаме на сите седум највисоки континентални врвови во светот. Вака тој гледа на ова свое остварување:

„Во секојдневниот живот ние сме водени од емоциите, од разноразни стравови и сомнежи, наместо да бидеме водени од размислувања, идеи, конкретни зборови и дела кои што го градат нашиот карактер. Качувањето на седумте врвови ми помогна да ја сватам суштината на животот, дека се е многу кратко, дека времето е се што имаме и дека на крајот имаме помалку одошто мислиме“.

Sasko Kedev

Сашко Кедев беше и кандидат на тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори во 2004. година

Релативно доцна, на „стари години“ Сашко Кедев влезе во светот на високогорското планинарство. Што беше тоа што ги поттикна мотивите, веќе афирмираниот лекар-хирург да зачекори во недрата на планинските масиви?

„Мојата основна мотивација беше љубовта кон природата. Почнав да одам по нашите исклучително убави планини, а тоа направи уште повеќе да ја засакам својата земја, но и ми отвори нови погледи и ми укажа на значењето на височините. Со искачувањето на се поголемите височини доаѓав до сознанија, кои порано ги немав. Пред сѐ сознанието за привременоста и непостојаноста на сѐ. За минорноста на човекот, не како единка туку како специес, во однос на грандиозноста на планините и природата. Не случајно во митологијата Боговите се на планините. На Монт Еверест и на другите врвови почувствував светилиште.“

Од Андите, преку Монт Еверест до Антарктика

Пред неполни десетина години кај др Сашко Кедев се интензивира желбата да се качува високо. Обземен од величественоста на глетката од врвот, кај него се раѓа идеата да го постави македонското знаме на сите највисоки континентални точки во светот.

Ecuador - Anden Kalenderblatt Blick auf den schneebedeckten 6310 Meter hohen Chimborazo in den Anden, aufgenommen im Februar 1992.

Поглед на еден од врвовите на Андите

Првото беше на Андите во Јужна Америка:

„Почнав на Аконкагва, 6962 метри високиот врв на Андите. Врв кој гравитира блиску до Пацификот, па е изложен на силни ветрови. Студенилото и големата влажност на воздухот го отежнуваа качувањето. Потоа уследи Денали или Мек Кинли во Северна Америка. Тоа е многу тежок врв, кој е на 75-от степен географска широчина во Аљаска, многу блиску до Северниот пол. Ниските температури, смрзнатините на рацете и нозете се голем непријател на планинарите. Килиманџаро, планинскиот џин на Африканскиот континент технички не беше тежок. Тоа беше обично планинарење, но височината од 5900 метри е респектибилна. За Монт Еверест веќе е сѐ познато, колку е комплексен, колку беше потребна логистика и физичка подготвеност. Потоа уследи Елбрус, врв на Кавказ највисок во Европа. Тоа е преубав врв, целото негово опкружување е импресивно. Карстенс Пирамидс е посебна приказна од зоната на австралиското континентално поднебје. Се наоѓа на остров во Западна Папуа и дел е од Индонезија. До него требаше да се стигне низ џунгла во која сѐ уште има канибалски племиња. И конечно Антарктика, многу оддалечената точка на Јужниот пол. Онаму каде што живот нема, каде што ретко стапнува ногата на човекот. Со брутално ниски температури и тежина на искачување која е слична на Мек Кинли.“

Еверест прозорец за нови погледи на животот

Во 2009-та Кедев беше третиот Македонец кој се искачи на Монт Еверест. После Димитар Илиевски и Глигор Делев. Од тогаш изминаа четири и пол години. Дали врвот на светот му го промени животот?

Mt Kilimanjaro

Врвот Килиманџаро во Африка

„Да, Еверест дефинитивно ми го смени животот. Ме направи посмирен, направи многу побрзо да ги сфаќам вистинските аспекти на животот, побрзо да ги елиминирам тривијалностите на секојдневјето, кои за жал не гушат ,не оптоваруваат, ни ја одземаат силата и ни го трошат времето. Еверест на некој начин ми го отвори погледот во вистинскиот живот, бидејќи како што веќе реков животот е време, а времето е се што имаме.“

Заокружена е една извонредно возбудлива етапа. Сашко Кедев вели следните негови предизвици се врзани за медицината.И тоа во областа на интервентната кардиологија. Во моментов води десетина меѓународни проекти со колеги од странство.Чувствува дека има простор за напредок во својата професија. Но велат,обземеноста од планината никогаш не исчезнува. Особено кај сите оние кои го почувствувале здивот на Хималаите. Секогаш правеле се за да се вратат:

„Се надевам дека здравјето ќе ме послужи и дека ќе отидам одново во Хималаите на еден од врвовите над 8000 метри. Но, претходно морам да ги завршам започнатите проекти од медицината.“, вели др Сашко Кедев во интервјуто за Дојче веле.