1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

На светот му се потребни дела, а не зборови

Времето на зборување мина. Време е да се дејствува! Со овие зборови, американскиот претседател Барак Обама од учесниците на Конференцијата за климата во Копенхаген побара усогласување на ставовите.

default

Барак Обама во Копенхаген

„Нема сомневање дека климата се менува, но мора да бидам искрен кога целиот свет гледа кон нас денеска, дека има сомневање во нашата способност за колективна акција во моментов. Сметам дека може да дејствуваме храбро и решително со оглед на заедничката закана со која сме соочени. Затоа дојдов денеска овде - не да зборувам, туку да дејствувам!“

Зборовите на американскиот претседател Барак Обама денеска во Копенхаген беа проследени и со бројки - САД се подготвени да учествуваат во Фонд од 100 милијарди долари годишно од 2020 година натаму, кои ќе бидат наменети за земјите во развој. Предуслов за тоа, меѓутоа, е во Копенхаген да биде постигната согласност за завршен документ во кој ќе биде содржана и одредба за контрола на количеството издувни гасови што ќе го испушта Кина.

Кина не сака контрола

G8 Klima Schwellenländer China Smog Luftverschmutzung

Кина е најголем продуцент на штетни издувни гасови во светот

Кина е најголемиот продуцент на штетни издувни гасови во светот, а на втората позиција се САД. Но, Кина досега одбива да прифати меѓународна контрола. Кинескиот премиер Вен Џиабао во Копенхаген нагласи дека неговата земја ќе се држи до зацртната цел, и можеби и ќе ја надмине. Целта гласи - до 2020 година испуштањето издувни гасови да се намали за 45% во споредба со 2005 година, но мерено според степенот на економски развој. Тоа во превод би значело дека е многу можно, со оглед на брзиот економски развој на Кина, количеството издувни гасови дури и да биде поголемо отколку пред четири години. За разлика од Кина, САД ветуваат до 2020 година количеството издувни гасови да го намалат за 3 до 4 проценти во однос на 1990 година. Едночасовната средба во четири очи на американскиот претседател Обама и кинескиот премиер Вен, според претставник на кабинетот на американскиот претседател, минала позитивно и ги поместила преговорите за климата „чекор понапред“. Сега преговарачите на двете земји на Конференцијата треба врз ваквата билатерална основа да разговараат со останатите држави и да видат какви се шансите за усогласување на ставовите.

Продолжување на конференцијата?

Smog USA

САД се втори на листата на загадувачи во светот (на фотографијата Лос Анџелес)

Во меѓувреме, во Копенхаген групата од 30 индустриски држави и земји во забрзан подем, кои заседаваа одделно, постигнаа согласност околу предлог-завршна декларација, во која се бара ограничување на затоплувањето на климата на два степени целзиусови и се ветува финансиска помош за сиромашните земји. Се‘ уште нема согласност околу целите за редукција на штетните издувни гасови и за системот за контрола на спроведувањето на целите. Агенцијата ДПА, повикувајќи се на кругови на домаќинот на конференцијата - Данска, објави дека е можно самитот да биде продолжен. Првично беше планирано конференцијата да трае до попладнево, но како што објави весникот „Њујорк тајмс“ во интернет-изданието, не е исклучено продолжување дури и до недела.

Автор: ЕМФ/ГЧ/ројтерс/дпа/епд

Редактор: Александра Трајковска

WWW-линкови