1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

На прошетка низ Лондон за мали пари

Во Лондон има многубројни универзитети, театри и музеи, но и супер скапи ресторани и продавници. Дојче веле ќе ви даде неколку совети како да си поминете убаво и евтино доколку ја посетите оваа европска метропола.

default

Лондон е апсолутен фаворит како туристичка дестинација

„Ако некој се заситил од Лондон, тогаш тој се заситил од животот, бидејќи Лондон е се’ што може да пружи животот” - напишал еднаш познатиот британски писател Семјуел Џонсон. Лондон е еден од најголемите културно разновидни градови и вистински фаворит кога станува збор за туристичка дестинација. Иако тој е истовремено и еден од најскапите градови, сепак можете добро да го прошетате без притоа да потрошите многу пари.

Појадок како вистински Англичанец

Затоа следете го нашиот совет број еден – појадувајте како вистински Англичанец. За среќа, појадокот спаѓа во поевтините оброци, доколку се држите до кафулињата што локалните жители ги нарекуваат „мрсна лажица”. Затоа не очекувајте луксузно уредени кафулиња, а може да се случи и да нема слободно место за седење, но ова е најевтиниот и најдобриот начин да уживате во традиционалната британска кујна, каде за појадок ќе добиете колбаси, сланина, јајца, печурки, домати на грил, тост и се разбира голема чаша англиски чај со млеко.

Шопинг како вистински Англичанец

Telefonzelle in London

Црвените телефонски кабини и двокатните автобуси се незаменлив белег на Лондон

Појадокот треба да ви даде доволно енергија за еден од најомилените начини за престој во Лондон - имено, шопинг. Сигурно ќе бидете намамени да ги следите стотиците или илјадниците туристи во најпознатата локација за шопинг во Лондон, Оксфорд Стрит. Но, таму цените се високи, а продавниците се неоригинални и припаѓаат на големите модни синџири. Затоа, следете го нашиот втор совет и купете си оригинална облека од минатите времиња:

„Сите парчиња облека во нашиот дуќан се уникати, од нив постои само еден примерок. Стоката ја одбираме поединечно и рачно, затоа продаваме само добар квалитет и се е' вредно за цената што ја плаќате. Доколку одите на Оксфорд Стрит, во некоја елитна продавница, ќе купите навистина прекрасен фустан, меѓутоа набрзо ќе се уверите дека уште пет други жени веќе го носат истиот”, вели Лук, менаџерот на дуќанот „Источен Лондон“ што се наоѓа во една мала споредна уличка. Тука ќе најдете се', од класичен фустан од 1940 до флуоросцентна чанта од 80-тите.

Влезот во музеите е бесплатен

BdT Großbritannien U-Bahn-Streik in London

Метро станица на улицата Оксфорд

Откако ќе се облечете во лондонски стил, време е за нашиот трет совет - културата. За тоа не постои подобро место од Лондон. Влезот во сите музеи е бесплатен. Овде има музеи за сечиј вкус, од античко-египетски до ренесансна класика, поп арт, или пак посетете некој музеј каде има не толку познати теми. Кетрин Хауел е одговорна за колекциите во Музејот на детството, кадешто можете да најдете прекрасни селекции од играчки, костуми и мебел:

“Ако дојдете во музејот на детството морате да ги видите куќучките за кукли. Има неколку особени, како на пример рано германската Нурембург-куќа, многу стар и редок примерок, фактички единствениот што може да се најде надвор од Германија, а имаме и прекрасна Тејт-куќичка, што ја направиле дами од 18 век.”

Со метро не е евтино

Што би било посимболично за Лондон ако не метрото. Граѓаните овде го нарекуваат цевка. Тоа е сигурно најдобриот начин да се патува на подолги релации низ и околу градот, но не и најевтин. Цената е 4 фунти во еден правец. Денес постои поевтин и поеколошки начин да се движите низ градот, како на пример со велосипед, а тоа е и нашиот совет број 4. Џон Хипкин работи во продавница за велосипеди и знае повеќе за новата програма за градски велосипеди. Исто како и во други градови во Европа, на пример во Амстердам или Осло, има бази низ целиот центар на Лондон, каде што луѓето ќе можат да подигнат, или пак остават најмен велосипед:

“Во првите 30 минути користењето е бесплатно, затоа претпоставувам дека ќе земете велосипед и ќе го оставите во следната база каде што ќе подигнете нов. На овој начин ќе се возите практично бесплатно.”

Одмор во центарот на градот

Marks & Spencer Mit vielen Einkaufstüten verlässt am 21.05.2004 eine Kundin eine Filiale der Kaufhauskette Marks & Spencer in der Oxford Street in London

„Марк и Спенсер“ е една од најпознатите стоковни куќи во Лондон

Доколку Лондон ви стане малку хаотичен следете го нашиот совет број 5 и направете пауза во еден од најголемите паркови во градот, во Хемпстед Хит. Ова е огромен парк со толку добро негувана и сочувана природа, што ќе си помислите дека се наоѓате надвор од градот. Покрај тоа, паркот нуди и дополнителна атракција што може да се користи бесплатно:

„Тоа е езерце широко 300 метри, опкружено со дрвја, грмушки и лисја, а има и патки во него. Пред 200 години, луѓето овде доаѓале на излет надвор од Лондон. Денес тој се наоѓа на централна локација во градот.”

Автор: Сара Штолац / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска