1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

На протестите ќе учествува и Мохамед Ел Барадеј

Солзавецот и палките не ги запираат демонстрантите во Египет. Владата дава знаци за отстапки. Носителот на Нобеловата награда за мир и поранешен директор на МААЕ, Мохамед Ел Барадеј, најави учество на протестите.

default

По повеќедневните протести во Египет, обвинителството денеска (27.01) соопшти дека се обвинети 46-мина демонстранти за „поттикнување немири и саботажа“. Повеќе десетици приврзаници на опозицијата денеска протестираат пред египетското министерство за надворешни работи, извикувајќи слогани против владата. Според очевидци, демонстрантите оштетиле една од влезните врати на министерството. И покрај жестоките мерки на безбедносните сили, демонстрантите во текот на целата измината ноќ протестираа во целата земја. Загинаа две лица, а повредени се десетици демонстранти.

Ние сме ваши египетски браќа, им довикуваа вчеравечер демонстрантите на полицајците во центарот на Каиро.

Flash Galerie Ägypten Kairo Proteste

Полицијата брутално ги задушуваше сите протестни собири и ги растураше демонстрантите со водени топови, солзавец и гумени палки, но тие не се повлекоа, туку се собираа одново, на други места. Една млада Египќанка вели:

„Не сакаме да не’ владеат ни Мубарак, ни неговиот син. Им порачуваме дека нема да запреме се’ додека тие не си заминат.“

Египетското раководство и претседателот Хосни Мубарак и натаму молчат

Единствената отстапка на владата е една вест во државните медиуми денеска, според која парламентот во недела (30.01) треба да разговара за мерките за борба против сиромаштијата, зголемување на минималната плата и подобро здравствено згрижување на граѓаните. Покрај тоа, главниот уредник на провладиниот весник „Ал Ахрам“, Усама Ал Сираи, вели дека „владата е прва политичка сила во земјата која ја согледува неопходноста од промени и реформи“.

Flash Galerie Ägypten Kairo Proteste

Протестите во Египет ги организираат повеќе политички сојузи и невладини организации. Информациите за протестните собири се шират најмногу преку интернет платформите како Фејсбук и Твитер, поради што режимот на Мубарак во повеќе наврати го прекинуваше пристапот до нив. Се чини дека досега нема централно раководство на бранот протести, но тоа би можело да се смени кога на следните демонстрации, закажани за утре, ќе се појави реформски ориентираниот политичар Мохамед Ел Барадеј. Тој беше долго на чело на Меѓународната агенција за атомска енергија и ужива голем углед кај западните политичари.

Во меѓувреме расте и меѓународниот притисок врз власта на Хосни Мубарак. Шефицата на американскиот Стејт департмент, Хилари Клинтон, синоќа порача: „Се надеваме дека египетската влада ќе ја искористи оваа прилика за воведување политички, економски и социјални реформи, со што ќе им одговори на легитимните интереси на египетскиот народ.“

Автор: ЕМФ/ ГЧ/ афп/ дпа/ дв

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема