1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

На повидок смена на власта во Мексико

Во Мексико денеска се оддржуваат претседателски и парламентарни избори. Околу 80 милиони избирачи се повикани да гласаат во земјата во која се води војна против наркокартелите, која досега однесе 50.000 животи.

Според последните проценки направени непосредно пред почетокот на изборите за претседател во Мексико, кандидатот на Партијата на институционална револуција Енрике Пена Нието би можел на функцијата да го наследи актуелниот шеф на државата Фелипе Калдерон. Партијата на Пена Нието авторитарно владееше со Мексико од 1929-та до 2000-та година.

Жозефина Васкез Мота, кандидатката на Партијата на национална акција на досегашниот претседател Калдерон, според резултатите од последните анкети, нема шанси да биде избрана за шеф на државата.

Таа се наоѓа на третото место зад Пена Нието и Андрес Мануел Лопез Обрадор, од Демократската револуционерна партија. Овој 58-годишен поранешен градоначалник на Мексико Сити во периодот до 2000-та до 2005-та година и претседателски кандидат во 2006-та година, ја претставува коалицијата на трите левичарски партии.

Резултатите од изборите за претседател и за парламентот ќе бидат соопштени в понеделник рано наутро, а избраниот претседател на должноста ќе стапи на 1-ви декември.

Се очекува дека големо влијание врз изборните резултати ќе има разгорувањето на војната со наркокартелите, како и растот на сиромаштијата во земјата, која погаѓа 46 отсто од населението на Мексико.

Откако во 2006-та година на власт дојде претседателот Фелипе Калдерон, тој им
објави војна на организираниот криминал и нарко мафијата. Меѓутоа, имајќи ја
предвид раширената корупција меѓу владините и полициските службеници, тој
беше принуден да ја ангажира и војската, која во борбата против картелите
учествува со 50 илјади свои припадници од разни родови.

Во војната од 2006-та досега во пресметките во Мексико се убиени повеќе од 47,5 илјади лица. Мексико е главната транзитна точка за шверцување кокаин од Јужна Америка во САД и истовремено е еден од најголемите светски производители на хероин и марихуана.

Според оцените на експертите, секоја година преку Мексико во САД, Европа и Азија се пренесуваат наркотици во вредност од повеќе од 40 милијарди долари.
Големата заработка и близината на богатиот американски пазар се причината за крвавите судири меѓу нарко картелите, кои сакаат да имаат превласт врз шверцерските канали.