1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

На повидок нова афера “Прислушување“?

Лидерот на Новата социјалдемократска партија, Тито Петковски ги обвини четирите големи партии во земјата дека имаат уреди за прислушување и тајно ги следат своите ривали. Обвинетите се оградуваат.

default

Незаконското прислушување продолжува. Големите партии од власта и опозицијата имаат специјална опрема за следење на комуникациите на своите политички противници. Оваа изјава на лидерот на Новата социјалдеморкатска партија и екс-претседателски кандидат, Тито Петковски ги разбранува собраниските кругови во моменти кога се отвора дебата за законските услови под кои полицијата ќе може да ги прислушува сомнителните мафијаши и играчи во организираниот криминал.

По само пет години откако претседателот Бранко Црвенковски, тогаш како лидер на СДСМ во опозиција, го облодени скандалот со “големото уво“ прилепено на амбасади, политички противници, новинари, ова е втор случај кога политичари од левицата јавно признаваат или се сомневаат дека партиите прислушуваат.

“Големите политички партии кои што биле во ситуација да се борат, сакале да дознаат се‘ за политичките конкуренти. Можеле да дознаат ако биле во ситуација да располагаат со таква опрема за да го слушнат и она што не може јавно да се слушне“, вели Тито Петковски, кој од СДСМ го издвои своето партиско крило во НСДП и стана дел од владиниот кабинет на Никола Груевски.

Во дополнителните објаснувања и сомневања тој вели:

“Луѓето не смеат да говорат јавно на телефон. Несомнено информациите кои што беа како политичките партии, раководствата на политичките партии, посетуваат саеми за софистицирана опрема.“

И телевизијата А1 пред околу четири месеци покажа снимки на возила, опрема и згради каде би биле партиските центри за прислушување, кои незаконски ги следат ривалите и неистомислениците. Министерството за внатрешни работи и тогаш и сега – нема коментар.

Контра Петковски веднаш реагираа сите прозвани партии:

“Ова е првпат во историјата на демократска Македонија партиите на власт да обвинат дека постојат уреди за прислушување во партиите и го повикуваме пратеникот Тито Петковски како дел од власта да ги достави информациите до Министерството за внатрешни работи, каде се лоцирани уредите за прислушување во ВМРО ДПМНЕ и во ДПА“, изјави Влатко Ѓорчев, ВМРО ДПМНЕ.

Индикативно е дека лидерот на НСДП ги обвини и своите владини сојузници, ВМРО ДПМНЕ и ДПА. Ѓорчев тврди:

“ВМРО ДПМНЕ не поседува таква опрема и токму ВМРО ДПМНЕ е таа партија која што го поттурна донесувањето на овој закон. “

Лидерот на НСДП ја обвини директно Деморкатската унија за интеграција, која наводно ја користела наследената специјална опрема за прислушување од војната во 2001-ва година, која била сопственост на штабот на ОНА.

“Точно е дека сме имале наши методи на комуницирање и наша опрема, нормално за да не бидеме прислушувани од другите. Сега како политичка партија таква опрема не поседуваме“, реагираше Рафи Салити, потпретседател на ДУИ и познат како командант Месузи.

Како и да е, наместо закон за прислушување, јавноста доби опасно и забавно четиво кој, кого и како набљудува во Македонија. Во битката за лидерската позиција на СДСМ се вклучени и високи партиски функционери од тајните полиции, кои ги користат уредите за прислушување и во внатре-партиската битка, се сомнева висок функционер на СДСМ од таборот на екс-премиерот и поразениот, Владо Бучковски.