1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

На повидок кавга меѓу ЕУ и Турција

Меѓу ЕУ и Турција ненадејно дојде до затегнување на односите

Реџеп Таип Ердоган

Реџеп Таип Ердоган

Причина е одложувањето на парламентарната дебата за казнениот законик, што за ЕУ претставуваше еден од клучните камен темелници на правната држава во Турција. Дали тоа ќе има далекусежни последици по големата желба на Турција да добие добри оценки и да почне конечно преговори за прием? Ако се суди според изјавите на поднесувачот на извештајот Гинтер Ферхојген и на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган – се е можно!

“Ако Турците не ја донесат сега оваа реформа, тогаш ќе мораме да го засноваме извештајот врз нацрт законот, а не врз веќе изгласан законски акт – што е сосема различно“ - порача комесарот за проширување Гинтер Ферхојген, кој всушност би требало да се подготвува за новиот ресор во Европската комисија. Ваквиот развој навистина го загрижува, порача Ферхојген, нагласувајќи дека одложениот закон е сржта на одговорот на прашањето, дали Турција го исполнува критериумот на ЕУ за правната држава.

Ферхојген исто така нагласи дека не доаѓа предвид одложување на завршниот извештај за напредокот на Турција, што ќе биде подлога за одлуката на шефовите на држави и влади на самитот во декември дали и кога ќе отпочнат преговорите за прием. Брисел не може да води сметка за внатре-турските расправии, порача Ферхојген, и нагласи дека во неговиот извештај на 6. октомври ќе стои објективната состојба заклучно со тој ден.

“До сега не дадов ни најмал знак за тоа што ќе предложам. Ако верувате дека извештајот ќе се состои од една единствена реченица, тогаш се лажете. Имам многу што да кажам, впрочем најавив дека ќе има изненадувања“ - порача Ферхојген.

Неговиот австриски колега Франц Фишлер, задолжен за аграрот, веќе навести дека преговорите може да се протегаат во период од десет години и тоа со вклучени проверки на извршените задачи, што би им овозможиле на шефовите на држави и влади, во текот на преговорите ако треба и да повлечат кочница!

Ваквите најави од Брисел предизвикаа иритации кај турската страна:

“Ние сме Турција и ние сме Турци. Ние, тоа значи дека нашиот парламент сам ќе ги донесува одлуките. Ние впрочем веќе ги исполнивме сите критериуми од Копенхаген!“ - со невообичаено остар тон се огласи премиерот Реџеп Таип Ердоган и додаде:

"Мојата влада се трудеше како ниту една претходно во турската историја. Но, можам само да повторам: ние можеме и без ЕУ!“