1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

На Папандреу му е веќе доста

Поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу се повлече од претседателската функција во Социјалистичката партија. Дебатата за негов наследник може да почне.

default

Јоргос Папандреу

Откако Јоргос Папандреу на крајот на ноември даде оставка на премиерската функција, со што го отвори патот за создавање трипартиска влада под водството на поранешниот втор човек на Европската централна банка, Лукас Пападимос, во политичката кујна под Акропол вријат гласини за негов наследник. Но, очигледно партијата не сакаше да го истера синот на својот легендарен основач, Андреас Папандреу, туку му даваше сигнали самиот да ја преземе иницијативата и да се повлече достоинствено, пред да избувне отворена борба за власт. Јоргос Папандреу конечно ја разбра пораката. На маратонската партиска седница на грчките Социјалисти 59-годишниот политичар објави дека не сака да се кандидира за премиер на претстојните парламентарни избори, ниту за челната функција во партијата. Но, Папaндреу предлага да ја задржи партиската функција до изборите, а партијата да кандидира некого друг за премиер.

Vertrauensabstimmung Parlament Griechenland Papandreou

Соработници и конкуренти-Јоргос Папандреу и Евангелос Венизелос

Планот на Папандреу

За ваквата поделба на задачите Папандреу има добри причини, вели угледниот политички аналитичар Алексис Папахелас од атинската телевизија „Скај“: „Папандреу сака да остане претседател на партијата најмалку до мај или јуни, зашто сака во тој период да биде реизбран за претседател на Социјалистичката интернационала“.

Оваа функција му е важна на Папандреу, зашто му овозможува патување низ светот и негување на неговите меѓународни контакти, а не би дошол во обѕир како кандидат за неа ако не е употреблив ниту за својата сопствена партија, смета Папахелас.

За наследник на Папандреу во игра се повеќе кандидати, меѓу нив министерот за стопанство Михалис Хрисохоидис, поранешната еврокомесарка Ана Диамантопулу, како и омилениот во партиската база, министерот за здравство Андреас Ловердос. Како фаворит сепак важи експертот по уставно право и актуелен министер за финансии, Евангелос Венизелос.

Тој веќе имаше еден безуспешен обид: во 2004-та година, кога тогашниот премиер Костас Симитис мораше предвремено да замине од фотелјата, Венизелос спонтано и без консултации со партиските челници, изјасни подготвеност да биде негов наследник на функцијата. Тогаш доби етикета на екстремно желен за власт и мораше на крајот да му даде предност на Јоргос Папандреу, кој вршеше блага агитација.

Итриот министер за финансии извлече поуки од оваа грешка и сега се држи упадливо воздржано-исто како и неговите внатрешнопартиски конкуренти, смета новинарот Продомос Папаилиопулос:

Griechenland neue Regierung George Papandreou in Athen Verteidigungsminister Evangelos Venizelos

Полни раце работа-Евангелос Венизелос

„Потенцијалните претенденти не ги откриваат јавно картите, ниту Венизелос не се истрчува“, вели атинскиот политички уредник. Притоа, на Венизелос всушност му се брза, зашто се наоѓа среде важните преговори со меѓународните доверители. Тој најрадо би сакал да ја заврши целата работа до средината на јануари, смета новинарот, но партиското мнозинство, блиско до Папапандреу, сепак сака да си остави повеќе време.

Венизелос сепак е прагматичен

Моментно министерот за финансии има и полни раце работа. Тој преговара со грчките доверители околу доброволното откажување од побарувањата, со „тројката“ од ЕУ, ММФ и ЕЦБ води разговори околу штедењето и кратењата на пензиите, што важат за предуслов за натамошниот пакет за помош на Грција во висина од 130 милијарди евра. Затоа, малку е веројатно дека тој идните недели би се грижел дополнително и за својата внатрешнопартиска изборна борба. Нему му штети несигурноста, како и на целата земја, вели политичкиот аналитичар Алексис Папахелас: „Во сегашниот момент не се потребни фантазии за иднината, туку одлуки“, предупредува Папахелас. Поради тоа, на социјалистите им е потребен нов, некомпромитиран и неоспоруван партиски лидер, кој би бил во состојба да преговара, да се договара со привремениот премиер Пападимос и дури да го поддржува. Папандреу не си прави услуга со исчекувањето и со тоа што дозволува да биде носен од настаните.

Автор: Јанис Пападимитриу/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска