1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

На Оланд му претстои „жешка есен“

Без сензација, нормално, лежерно – претседателот на Франција Франсоа Оланд се чини дека по три месеци од владеењето не ги импресионира своите сонародници.

До неодамна во Франција се зборуваше за „Хипер-Сарко“, како што потсмешливо беше нарекуван Никола Саркози. Поранешниот претседател на Франција ќе остане познат по политичкиот стил со кој многу изискуваше. Затоа и не е за изненадување што работата на Франсоа Оланд се споредува пред се’ со активизмот на неговиот претходник. Но, тоа донесе скромен резултат.

По сто дена од работата на новиот претседател, кои се навршија оваа недела, 54 проценти од француските граѓани се незадоволни со администрацијата на новиот шеф на државата. Тоа го покажуваат резултатите објавени од анкетата спроведена од весникот Фигаро.

„Нормално или лежерно“, се запрашува весникот Либерасион во врска со новиот претседател. Други медиуми беа уште поексплицитни – Оланд беше неодлучен и тоа во време на економска криза, кога на Франција и‘ беше неопходно силно раководство.

Francois Hollande und Angela Merkel

Со внимание се следи соработката меѓу Германија и Франција

Саркози „шутнат“ поради стилот

„Стилот на Оланд е дефинитивно ново искуство за Франција“, оценува Доминик Грилмајер од Германско-францускиот институт во Лудвигсбург. „Но, поради тоа искуство од претседателската функција беше исфрлен Никола Саркози. На Французите им беше доста од ’Хипер-претседателот’ и неговиот активизам. Тие намерно се определија за некој кој има поинаков стил“, вели Грилмајер.

Клер Демесмај од Германското друштво за надворешна политика има објаснување за однесувањето на новиот Претседател.

„На Оланд му е јасно дека општеството е поделено. Тој не сака да ги навреди Французите и внимателно им пристапува на проблемите“, вели Демесмај.

Од друга страна, објаснување за однесувањето на Оланд може да се бара и во недостатокот на храброст, но тоа уште никој со сигурност не може да го потврди.

sarkozy portrait

Поранешниот претседател Никола Саркози се врати од стотте дена молк

На Оланд допрва му претстои проверка

Во секој случај, овој месец на француската политичка сцена владее мир. Но, наскоро доаѓа „жеската есен“. Тогаш Оланд ќе мора земјата да ја води поенергично, смета Грилмајер и дополнува: „Французите од овој претседател очекуваат тој да биде поактивен и да предлага проекти. Тој мора да се справи со овој притисок“.

Наесен треба да се спроведат значајни структурни реформи во земјата. Многу експерти сметаат дека Франција мора да биде поконкурентна и да се справи со невработеноста од 10 проценти.

„Одговорите на овие прашања претседателот веќе ги знае“, смета политикологот Демесмај.

Саркози се врати по 100-те дена молк

По повеќе од 100 дена од самонаметнатиот молк се врати и Саркози. Тој се обидува да биде портпарол на конзервативната опозиција. Саркози во сирискиот конфликт најде тема за напад на социјалистот Оланд. Притоа, тој го напаѓа претседателот дека е премногу спор.

Со внимание се следи и начинот на кој Оланд се разбира со германската канцеларка Ангела Меркел. Германија и Франција се најмоќните членки на ЕУ и во кризни времиња е посебно значајно дали двете земји се согласни меѓу себе. Сепак, во време на изборната кампања Меркел рече дека со поголемо задоволство на претседателската функција би го видела Саркози, отколку Оланд.

Експертите се согласни дека Оланд сепак почна да ги исполнува предизборните ветувања. Во првите сто дена од мандатот новиот Претседател доби преодна оценка, но вистинскиот тест допрва му претстои.