1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

На Македонија и се потребни државници

Тито Петковски, претседател на Новата Социјал демократска партија која е помал коалиционен партнер во власта, викендов престојуваше во Берлин. За македонската програма на Радио Дојче Веле тој говори за актуелизирањето на аферата „Големото уво“ и прислушувањето, за она што пропуштиле политичарите да го направат во изминативе 15 години, а се осврува и за потребата од дијалог мегу власта и опозицијата

Господине Петковски, како претседател на комисијата за европски прашања на Македонското Собрание, во Берлин присуствувате на тридневната конференција „Да и се даде душа на Европа“. Колку Македонија, според чуеното, може да ги почувствува позитивните нешта од ваквите европски иницијативи кои инсистираат и на духовно и културно заеедништво на Европа?

-Па мислам дека многу.Оваа тема која Европа ја започна во 2004 година за Македонија е од исклучително значење.Можевме да чуеме не само од Баросо,туку и од сите говорници овде дека најбитно е за оваа тема да се разговара не само во ресорите на министерствата за култура,туку и во сите сфери на животот,економијата,политиката,социјалниот живот.Културата како цивилизациска вредност,а не како некој сектор,кој ќе треба да доведе до хомогенизација на граѓаните во едно цивилно општество,независно од етничката заедница.Мислам дека поради тоа императив е во Македонија оваа тема да биде постојано дежурна.

По деценија и половина мината во редовите на социјадемократскиот сојуз на Македонија, формиравте своја партија која е помал коалиционен партнер во актуелната власт. Како ја оценувате досегашната работа на владата?

Досегашната работа на владата може да ја оценам како добра и во рамките на она што е договорено меѓу колаиционите партнери кога е формирана владата.Засега според агендата што ја утврдивме до донесувањето на новиот буџет сега веројатно за една недела во Македонија ќе почне дебата за буџетот за 2007 година,кога точно ќе се види како ќе се профилира политиката.Засега би рекол дека се во детектирање на капацитетите на коалиционите партнери,на нивните навики,на наметнувањето на политичките програми на политичките партии во коалицијата,на нивните приоритети,но најважно од се е што за тие неколку одлуки за круцијални одлуки за економската и социјалната положба на граѓаните во идниот перидо има апсолутен консензус и донесени се по претходен договор меѓу партиите кои ја сочинуваат владата. Значи,сеуште е рано да с едава некоја заокружена оценка како ќе функционира натаму владата,но во овој перидо во овие дваипол месеци мислам дека е во рамките на очекуваното на коалиционите партнери во владата.

Дали верувате во најавените брзи позитивни промени во Македонија кои ги најави премиерот?

-Да не верувам во овој период сигурно не би партиципирал во коалицијата.Ние можевме да бираме како нова политичка партија дали ќе влеземе во владата или не,изборот во секој случај е наш,и последиците ние ќе ги чувствуваме најнепосредно.Ако не верував во капацитетот и на оваа влада и на НСДП сигурно немаше да влеземе во неа.Ме охрабрува тоа што првите мерки кои владата ги донесе практично се дел од програмата на НСДП и тоа беше најголемиот предизвик зошто да влеземе во влада на Груевски.Во Сферата на економската,социјалната, особено даночната политика,скоро да имавме апсолутно исти програмски ориентации кога излегувавме на изборите.

Каков е вашиот став по инсистирањето на меѓународната зедница за воспоставување дијалог меѓу партиите на власта и опозиционата ДУИ?

-Дијалогот е неизбежен ако сакате да не доаѓате во конфликти во Македонија имаме состојба на конфликти и дијалогот е неопходно средство за нивно надминување.Значи,имате или превентивни или оние постконфликтни дијалози кои во секој случај се карактеристични за Македонија но не смеат да продолжат.Ние едноставно како политичари,како политички партии сме упатени едни на други,ако го имаме во преден план државниот интерес.Но,очигледно е дека тој отсуствува како потреба,би рекол,како императив кај определн дел од политичките партии.Во Македонија по правило политичките партии што се во опозиција се чувствуваат обесправени и бараат многу начини да докажат дека се тие вистинското решение.Независно,не станува збор само за сега.СДСМ кога беше на власт со ДУИ,ВМРО ДПМНЕ и ДПА се однесуваа тогаш така како што се однесува сега ДУИ и СДСМ.Значи недостасува она што е круцијална тема,култура на дијалог.Не говорам за политичка култура,говорам за општа култура на политичарите,луѓето да се разбираат,да бидат толерантни,да прават компромиси,за тоа не треба некој да не влече за уши,како што прави меѓународната заедница,да не натера да пиеме кафе или чај и да разговараме за државните,националните теми на Македонија.Тоа би требало да биде метод или составен дел на работата на секоја политичка партија.Тоа ќе се случи оној момент кога на преден план ќе се стават државните интереси,а не интересите на една група луѓе,на еден лидер или на политичка партија.Засега тоа во Македонија е реалност,значи интересот личен,групен,партиски е доминантен над државниот.

Какви се односите на вашата партија со ДУИ?

Ние немаме лоши односи со ниту една политичка партија.Искрено да кажам,јас сум се среќавал и со господинот Ахмети,ние разговараме,дури пред некои важни одлуки во Парламентот ние разговараме и со пратениците,секогаш одговорот е тој,ние имаме став,значи ставот потекнува од врвот,ако лидерот на партијата смета поинаку,вие немате дијалог или сте упатени единствено на дијалог со него.Значи,не се работи за елементарна човечка комуникација,ние разговараме,но политички дијалог на тема како да ги надминеме тесноградите сопствени партиски интереси,а на преден план да ги ставиме државните,тешко оди. Мислам на тоа како да се договориме за некој закон,еве на пример оној за полиција,дебатираме за него еден месец.Ако продолжиме со таква динамика да ги носиме законите,нам ќе ни треба една светлосна година за да дојдеме до ЕУ.

Во Собранието повторно ја отворивте подзаборавената афера со прислушувањето крстена „Големото уво“. Кажавте дека имате мнови докази и дека истите ќе ги доставите до МВР. Ги имате ли навистина?

Јас за оваа афера проговорив во Собранието,по повод донесувањето на законот за контрола на комуникациите.Говорев во контекст,досега немавме закон,можеше и да се злоупотребува,но сега имаме закон и треба се да се подведе под негова јурисдикција.Реков само нешто што во Македонија апсолутно сите го знаат,дека со години во Македонија се продуцирани многу афери од политички партии за политички партии,од Сина птица,до Големото уво,факт е дека тоа се злоупотребувало,дека политичките партии меѓусебе се прислушувале,особено за време на изборите и заради дискредитиација,но ниту една афера не е финализирана и мојата поента беше токму во тоа,ние сега сме во ситуација кога имаме јасна законска регулатива,кога се штитат луѓето.Прво да ги завршиме претходните,особено аферата Големото уво,за да можат сите следни афери во согласност со овој закон да се расчистуваат.Не само јас,многу граѓани во Македонија знаат дека политичките партии располгаат со опрема за прислушување,не е тајна ни од каде е набавена,продавачит сами се пријавија,јас знам работи кои ги знаат и други.Дел од она што знам ставив на располагање на Министерството за внатрешни работи,а дел како ќе ги добивам,имам обврска како граѓанин,како политичар,да ставам на располагање на институциите на системот.Тоа зло треба да се елеминира,за да не му падне никому на памет да прислушува конкуренти ит.н.

Кој во Македонија и како може да прислушува?

Ако политичките партии тврдат дека немаат опрема за прислушување,можеби тие немаат опрема која сами ја купиле,но да речеме кога ВМРО ДПМНЕ беше на власт,во чие време се откри аферата Големо уво од страна на лидерот на опозицијата и сегашен претседател Бранко Црвенковски,а министер за внатрешни работи беше Доста Димовска,веднаш по губењето на изборите на ВМРО ДПМНЕ, Димовска стана директор на Агенцијата за разузнување,бидејќи неа ја постави покојниот претседател Борис Трајковски.Значи веднаш можноста ако ја губите,во власта,во извршната власт,се дислоцира на друго место,исто така во извршната власт во државата,кај претседателот кој го поставува директорот на Агенцијата,која исто така има опрема за прислушување како и Дирекцијата за безбедност и разузнување.Да бидам уште поконкретен,кога СДСМ ги изгуби изборите во 2002 година,подоцна претседател на државата стана Бранко Црвенковски.За директор на Агенцијата за разузнување го постави својот најдобар пријател,Лазе Китановски.Значи,се изгуби можноста за СДСМ да се користи непрописно таква опрема во Министерсвото за внатрешни работи,но тоа се дислоцира на друго место,кај претседателот на државата,кој што е од редивите на СДСМ и својот најверен човек си го стави за директор на Агенцијата за разузнување,како што тоа го направи Борис Трајковски со Доста Димовска.Не можете никого да убедите дека ги ставате тие луѓе на таа функција зашто се врвни професионалци.Кога Китановски и Димовска биле разузнувачи,никогаш,но во нив постоела доверба и можеа она што беше забрането со закон да продолжат да го прават само со луѓе кои се крајно лојални.

Од 1999 година бевте кандидат за претседател на Социјадемократите до денес многу нешта се сменија. Заминавте од СДСМ, формиравте нова партија, тогашниот лидер и вам близок сопартиец Црвенковски, сега е претседател. Дали сметате дека во изминативе 16 години политиката пропушти да ја внесе Македонија во Унијата?

Па мислам дека нема друг виновник освен политиката и политичарите.Тие го креираат вкупниот амбиент во општеството,тие се одговорни за квалитетот на одлуките што се носат,доколку политичарите гледаа малку подалеку зад хоризонтот,доколку одеа во пресрет на сите можни закани по стабилноста на Македонија,доколку крајно коректно ги извршуваа програмските ветувања,Македонија сигурно ќе стасаше многу подалеку.Не дека не сме отишле далеку,Македонија е вратена многу назад,ние сеуште не сме го достигнале развојот од некогашна Југославија,од 1990 година,ние сме за 20 до 30 проценти пониско од тогашниот развој.Според тоа зад нас сме пропуштиле 15 години,што тешко може да се надомести,за тоа не може да ги обвинувате граѓаните,тие им даваат мандат на политичарите,кои треба да им обезбедат повисок стандард,поубав живот,повисок степен на култура,подобро здравство и образование.Така е во цел свет,па и во Македонија.За жал,јас во овие 15 години во земјата не можев да согледам државници,кои што гледаат многу подалеку и го штитат националниот интерес.Ќе видите неколку политичари,но многу политиканти.Политиканти не можат да трасираат визија заразвој на едно општество и затоа сме приморани сега да ги учиме почетните лекции по демократија и со последниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија имаме толку негативна оценка за политиката во изминативе 15 години,што тоа треба да ги замисли сите политичари.

За крај уште би ве прашала дали имате амбиции уште еднаш да се опробате на претседателски избори и какви се вашите натамошни политички планови?

Сега сум претседател на политичка партија која постои десет месеци.Јас сакам таа да се наметне како релевантен фактор на политичката сцена,значи сакам НСДП да успее,од тие причини сега не прифатив ниту една функција.Што ќе биде натаму,имаме уште три години до претседателските избори,доволно време или за зголемување на мојот личен кредибилитет преку партијата или едноставно да го изгубам.Би бил демагог да кажам дека ако продолжи успешно да чекори НСДП нема да се кандидирам.Ќе видиме,ќе процениме во моментов какви ни се шансите.Кај политичар мора да постојат амбиции за да успее во политиката.