1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

На Македонија и` е потребно штедење

Глобалната криза се посилно притиска и врз Македонија. Буџетот е празен, па експертите се погласно бараат Владата час поскоро да направи ребаланс, во кој приходите и расходите ќе се сведат на реални рамки.

default

Македонија мора да одговори на светската финансиска криза

„Буџетот празен како во војна“, е насловот во весникот „Дневник“ од овој викенд, во кој се наведува дека државната каса сега е во истата состојба како во воената 2001 година. Економски експерти за весникот објаснуваат дека во јануари во буџетот останале само пет милиони евра, за разлика од истиот период лани кога имало над 200 милиони. Експертите се загрижени дека ако Владата итно не ја смени политиката, а светската економска криза потрае, загрозени ќе бидат месечните примања на администрацијата, пензионерите и социјалците. Во јануари биле потрошени сите пари што влегле во буџетот, наведуваат тие.

Министерот за финанси Трајко Славески за „Дневник“ објаснува дека ситуацијата и не е толку црна. „Државната каса во јануари не е во минус. Нема проблем и ако влеземе во таква ситуација, бидејќи во нашите проекции за оваа година планиравме буџетски дефицит од 2,8 отсто од бруто-домашниот производ. Се додека од буџетот се исплатуваат платите, пензиите и социјалните трансфери, ситуацијата е под контрола. Исплативме дури и субвенции за земјодлеците“, вели Славески.

Некоординираност меѓу владата и Народната банка на Македонија

Mazedonien Regierung Sitzung

Владата мора да се координира со Народната банка на Македонија

Дека ситуацијта со буџетот воопшто не е розова, покажуваат и податоците на Царинската управа од кои се гледа дека само во првите два месеци од 2009 година е забележан пад од четиринаесет отсто во даночните приходи од наплатата при увоз од странство.

Речиси сите медиуми во Македонија неделава јавија дека Владата пуштила во продажба едномесечни државни записи со атрактивна камата од 8.9 отсто.

Тоа за професорот по монетарна економија, Мирољуб Шукаров, е доказ дека Владата нема пари и има потреба од дополнителни приходи во буџетот. Шукаров, во изјава за телевизијата Алфа, истакна дека е изненаден од некоориднираноста меѓу Владата и централната монетарна власт , односно од експанзивната фискална наспроти рестриктивната монетарна власт, олицетворена во Народната банка на Македонија.

Ова задолжување, според поранешниот министер за финансии, Никола Поповски, е направено токму за да се исплатат премиите на земјоделците. „Последен пример е кога државата се задолжи со две милијарди денари за да го надмине јазот за нејзините погрешни проценки за буџетот и видовме дека за два дена исплати пари за тутунарите. Но, намалени се и приходите и во фондовите за здравствено и пензиско осигурување. Тоа дополнителчно ќе го оптовари државниот буџет, кој ќе треба да ги зголеми трансефите и кон пензиите и кон здравството. Сето тоа говори дека економската политика не функцинира во моментов“, вели Поповски.

Итен ребаланс на буџетот

Sparstrumpf Deutsche sind Sparer

Експертите бараат државата „да го стегне ременот“

Ова го бараат економските експерти, со цел владата да ги сведе приходи и расходи во реални рамки за една државна каса во време на економска криза, а покрај тоа и неминовно да почне со штедење и стегање на ременот на сите позиции.

Тоа, во експертската анзализа на буџетот за 2009 година, организирана од фондацијата „Отворено општество“ на крајот од февруари, само на три дена пред почетокот на изборната кампања, го побара и професорот Ванчо Узунов. Според Узунов, Владата се однесува како Македонија да не постои на светската економска карта и како кризата да нема да ја зафати. „Бидејќи претпоставките се реално неостварливи, потребно е повторно преиспитување на сите тие претпоставки за негово итно менување во правец на намалување на неговите буџетски приходи и на сведување на нивно реално ниво, она што е остварливо во 2009 година“, вели Узунов.

Време е за штедење

Во сличен тон е и ставот и на професорот Абдулеменаф Беџети, искажан на истата расправа, кој инсистира во Македонија да се зачува макроекономската стабилност. „Треба да го поканиме ММФ. Движењата на девизните резерви веќе го потрдуваат овој наш став. Значи мора да воспоставиме аранжман со нив за да не ја загрозиме макроекононската стабилност, која веќе е општ благодет за земјата“, вели професорот на Штуловиот универзитет.

За Поповски решението лежи во серија од мерки, со кои треба да се спречат натамошните надолни тенденции во економијата, кои според него, се должат на погрешните проценки на Владата во креирањето на макроекономската политика за 2009 година, а потоа и во конципирањето на буџетот. Потребен е итен ребаланс. Потребено е да се сопре трошењето, да се усклади со намалените приходи. Сега не е време ни за зголемување, ни за намалување на даноците.Меѓутоа, време е за штедење од страна на државата. Треба да ги намали сите расходи и да остане само на нужните. Со тоа треба да се заштити падот на извозот и се` поголемиот увоз, затоа што ако тоа не се случи - дефицитите и на трговскиот биланс и на тековната сметка ќе се продлабочуваат и тоа ќе го загрози курсот на денарот, веќе во втората половина на оваа година. Според мене Владата треба веднаш да реагира“, вели Поповски