1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

На лустрацијата во Србија и‘ истече рокот на траење?

На законот за лустрација во Србија на 11.06. и официјално му истече важењето. Дали земјата пропушти уште една прилика за да се соочи со себе?

„Па кај нас е се‘ можно. Тој закон навистина е познат по тоа дека е донесен, но никогаш не се применувал“, вели за Дојче веле Зоран Ивошевиќ, поранешен судија во Врховниот суд на Србија и член на работната група која по падот на режимот на Милошевиќ изработи нацрт закон за лустрација. А, на Законот за одговорност за кршење на човекови права, или како што колоквијално се нарекува закон за лустрација, важењето му истекува денеска, затоа што тој имаше ограничен рок на траење од десет години.

Професорот по право Владимир Водинелиќ вели дека тоа бил „најмртвиот“ од сите живи закони, затоа што не добил ниту момент можност да биде применет. „Тоа не е вообичаена појава, затоа што законите не се носат за да не бидат применувани. Но, овој закон очигледно бил резултат на политички компромис. Може да се каже дека бил грешно зачнат, па не е ниту чудо што вака и заврши“, оценува Водинелиќ.

Никогаш до крај не беше формирана ниту Комисијата за лустрација при српскиот парламент, која што требало да утврдува дали некогашните носители на јавни функции учествувале во кршење на човекови права. Исто така, никој и не би можел да биде кандидиран за некоја јавна функција без претходно таквата комисија да утврди дали во минатото ги кршел или не човековите права. Зоран Ивошевиќ смета дека тоа била прилика за соочување на луѓето со своето сопствено минато.

„Ако тој закон беше применет, некои јавни функционери, кои сега се во самиот врв на државата, веројатно немаше тоа да бидат. Мислам дека основна причина за тоа зошто некој закон не е применет е политичката волја. Немаше политичка волја за примена на тој закон“, оценува Ивошевиќ.

Пропуштена можност

Ивошевиќ вели дека последиците од неприменувањето на законот за лустрација и тоа како се чувствуваат во правосудството, затоа што судиите се на јавна функција, исто како што се и членовите на владата и парламентот. Според него, во судството и тоа како имало луѓе кои кршеле човекови права и кои можеле да бидат лустрирани, а не се.

Mitglieder des Serbischen Parlaments während einer Sitzung Belgrad Serbien

Законот за лустрација, донесен пред 10 години, никогаш не е применет

Според Ивошевиќ, пропуштена е можноста по донесувањето на новиот Устав во 2006 година да се организира реизбор на судиите и да се обезбеди независност на судската власт. „Така што имаше случаи да се реизберат луѓе кои учествувале во изборни фалсификати во времето на Милошевиќ, потоа онакви кои биле во судир на интереси и оние кои и‘ угодувале на дневната политика. А оние кои заслужуваат да бидат бирани, не биле избирани“, истакнува Ивошевиќ.

Професор Водинелиќ потсетува дека во Србија не дојде ниту до отворање на досиејата на тајните служби, или како што тој ги нарекува - досиејата на политичката полиција, па така е пропуштена и таа прилика општеството да се соочи со самото себеси. „На политичкото избирачко тело не му се пружи можност да дознае кој му се препорачува за јавни функции. Со оглед на тоа што такво нешто немаше, на сцена се оние кои можеа да дојдат на удар на тој закон. Накусо, ние како избирачи никогаш до крај не можевме да знаеме кој е тој кому сме одлучиле да му го дадеме својот глас“, објаснува Водинелиќ.