1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

На лидерот на либиската Ал Каеда ќе му се суди во Њујорк

На осомничениот терорист и локален лидер на Ал Каеда во Либија ќе му се суди во Њујорк. Пред десет дена тој беше уапсен од американските командоси во Триполи.

Осомничениот припадник на Ал Каеда кого пред десетина дена во Либија го заробија американските специјални сили во Триполи, е префрлен во САД, каде ќе му биде судено под обвиненија за тероризам, соопшти американски функционер.

Либиецот Назих ал-Раџи, попознат како Абу Анас ал-Либи, е осомничен за бомбашките напади врз амбасадите на САД во Кенија и Танзанија, во кои вкупно загинаа 224 цивили.

Тој беше заробен од припадниците на специјалните единици Делта на армијата на САД на улиците на либиската престолнина Триполи на 5-ти октомври и беше префрлен на воен брод во Средоземното Море, каде што го испитувал тим од специјални истражители.

Назих ал-Раџи треба денеска да биде изведен пред судот во Њујорк. Тој изминатиот викенд им бил предаден на цивилните власти и се наоѓа на подрачјето на Њујорк, изјави државниот обвините Прит Барата, во писмената изјава.

Либи, кој е информатички експерт, е осомничен дека набавил снимки од системите за набљудување во пресрет на нападите врз амбасадите. Тогашниот лидер на Ал Каеда, Осама Бин Ладен, благодарение на тие снимки потоа можел да ги нареди нападите.

Апсењето на Либи предизвика големи тензии во Либија, каде локалните милиции го киднапираа премиерот Али Зејдан откако беше откриено дека им дал дозвола на американските сили да го уапсат осомничениот терорист.