1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

На лекарски преглед пред монитор

Таканаречената телемедицина би требало да го надомести недостатокот на лекари во Германија, особено во регионите надвор од поголемите градови. Но, за жал, овие услуги не се шират доволно брзо. Кои се причините за тоа?

Споредено со други земји, во Германија всушност и не постои голем недостаток од лекари. На пример, додека во Германија на илјада жители има, статистички гледано, 3,84 лекари, во САД за истиот број луѓе се грижат само 2,46 лекари. Но, овие податоци не зборуваат за тоа каде се застапени тие лекари во Германија во доволен број, а каде има недостаток. „Веќе сега всушност имаме примери во некои рурални средини, каде што пациентите за да дојдат до лекар мораат да патуваат цел ден. Крајно време е нешто да се преземе“, вели Волфганг Лос, претседател на Германското здружение за телемедицина. Едно од решенијата, според негово мислење, би можело да биде токму обезбедувањето медицински услуги преку монитор, односно, т.н. видео конференција. Лекарот на тој начин би можел директно да се поврзе со пациентот додека тој е во својот дом.
Инаку, дигиталните медицински услуги веќе се користат во Германија, но многу ограничено. На пример, по прашањето за медицинска грижа околу пациентите кои веќе имале или кај кои постои ризик од мозочен удар. Помалите клиники преку интернет се поврзани со специјализирани болници и се во можност во секој момент на овој начин да стапат во контакт со лекар специјалист. Исто така, пациентите со хронични срцеви заболувања веќе подолго време можат да користат телемедицински услуги. Со помош на посебни уреди кои се приклучени на нивното тело, во случај на влошување на состојбата, лекарот веднаш добива одреден сигнал и може да се поврзе со пациентот.

Контакт човек со човек

Wolfgang Loos Deutsche Gesellschaft für Telemedizin

Волфганг Лос, претседател на Германското здружение за телемедицина

Лекарите во Германија не смеат да постават дијагноза доколку не биле со пациентите во непосреден контакт. Тоа важи секако и за т.н. телемедицина. Во некои земји, како што е на пример Швајцарија, овие закони не се толку строги. Лекарите таму можат да постават дијагноза „на далечина“, а во некои случаи дури да издадат и рецепти. Но, во Швајцарија за разлика од Германија, терминот „теле“- се однесува првенствено на телефон, односно, телефонирање, а не на видео конференција меѓу пациент и лекар.
Од друга страна, треба секако да се нагласи оти Германците се навикнати на директен контакт со лекар, што исто така влијае на популарноста на дигиталните медицински услуги. Тоа, на пример, во скандинавските земји е сосема поинаку. „Ако се разболите во Шведска, тогаш морате прво да побарате еден одреден број на телефон на кој ќе ви се јави прво една медицинска сестра. Таа одлучува за тоа кој вид помош ви е потребна. Тоа значи дека кај лекарот одите дури на крај...“, вели Франц Бартман, претседател на комисијата за телемедицина при Германската лекарска комора.
Тој наведува дека ситуацијата во Германија, меѓутоа, ја отежнуваат и техничките бариери. Во некои рурални области брзиот интернет се воведува многу споро, иако телемедицинските услуги токму во овие региони би биле добредојдени.

Од дигитална до глобална медицина

Освен во Европа, телемедицината станува сѐ попоуларна и се шири и во другите делови од светот. Како што објаснува Волфганг Лос од Здружението за телемедицина, дигиталната техника веќе наголемо се користи кога е во прашање соработката меѓу одделни клиники. Така на пример, лекарите кои работат на клиниките во Франкфурт на Мајна соработуваат со лекарите во азискиот султанат, Брунеи. „Исто така, во план е и поврзување на болниците во руралните области во Виетнам со централните клиники во Ханој“, наведува Лос.