1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

На крај Македонија десетта во Европа

Ракометната репрезентација на Македонија со пораз од Шпанија со 33:22 го заврши настапот на Европското првенство во Данска. Една победа, еден нерешен резултат и четири порази е учинокот на македонските ракометари.

Десет денови беа главната тема, од настап до настап со превртливите резултати го менуваа расположението на загрижената спортска јавност. Од Данска се враќаат како десеттопласирана репрезентација. Какви се првичнте стручни мислења на оваа тема:

„Ако пласманот во втората фаза од Европското првенство беше зацртаната цел, таа е исполнета. Македонија обезбеди пласман кој и‘ овозможува ’привилегиран’ статус во жрепката за наредното Светско првенство во Катар“, вели Ристо Магдинчев, селектор на женската ракометна репрезентација на Македонија.

Гино Стрезовски, поранешен селектор на Македонија смета дека пласманот е задоволувачки:

„Со оглед на се‘ она што се случуваше во и околу репрезентацијата во пресрет на Европското првенство, постигнатиот резултат и пласман е пристоен. Што се однесува до играта, до пристапот од позиција на гледач, не сум задоволен. Мислам дека ракометарите не го дадоа својот максимум, можеше да се почувствува дека можат повеќе.“

И Стевче Стефановски, поранешен истакнат репрезентативец и тренер на репрезентацијата истакнува дека поставената цел е постигната. Од стручен агол тој смета дека играта на репрезентацијата била проблематична:

„Имавме проблеми во играта за цело време. Играчите се залагаа, но недостигаше комбинаторика. Бевме екипа во чија игра контрите и полуконтрите речиси и да не постоеа. Нашиот напад беше лесно читлив. Одбраната немаше потребна цврстина, беше со иста поставеност за време на целото првенство.Во модерниот ракомет ова е недозволено.“

Успех, неуспех, реалност

Дали десеттото место е реалноста, дали го одразува квалитетот на македонската репрезентација?

„Според составот со кој отпатува репрезентацијата на Европското првенство, ова е задоволувачки пласман. Со овој квалитет не можевме да очекуваме подобри резултати“, оценува Ристо Магдинчев. Мислењето на Стефановски е поинакво:

„Ќе повторам, целта е остварена. Но, во однос на тоа како се одвиваа натпреварите, колку кај нашите ракометари недостигаше самодоверба во одредени моменти, сигурен сум дека овој состав имаше капацитет за повеќе. Барем за повторување на 5-то место од пред две години.“

Недоразбирањата продолжуваат

Несогласувања, тешки зборови и одлуки, тензична атмосфера! Состојба, која редовно се повторува пред или за време на големите натпреварувања на ракометната репрезентација на Македонија. Данска не беше исклучок. Ангеловски поради дадена изјава веќе е непожелен за селекторот Обрван. Скриени незадоволства, кои избиваат на површина! Зошто е постојано така?

„Како некакво проклетство,таквата атмосфера постојано се влече во националниот тим. За да се води една репрезентација, пред се‘ треба да се познаваат карактерните особини на репрезентативците. Немам доволно информации за случувањата, но мислам дека и изјавите на играчите се брзоплети и реакцијата на тренерот е исто така брзоплета. Вакви работи не би смееле да се случуваат“, вели Гино Стрезовски.

Стевче Стефановски често се обидува да направи анализа зошто е тоа така:

„Од оваа дистанца не можам да бидам категоричен, дали се работи за лоши меѓучовечки односи. А, дека има проблеми е факт. Сметам дека за случувањата во тимот треба да зборуваат тие што го сочинуваат. Уште утре без присуство на јавноста да седнат сите заедно: играчите, стручниот штаб и луѓето од РФМ и под итно да ги расчистат сите конфликтни ситуации и да се постават правилни релации. Бидејќи „баражот“ за учество на светското првенство следи многу брзо.“

„Тешко е да се искоренат ваквите состојби.Тие се одраз на нашиот менталитет.Таквата непримереност во однесувањето се провлекува со години дури и во моментите на високи натпреварувачки цели. На пример,за целокупната наша јавност со победата над Австрија беше остварена основната резултатска цел и јас не гледав причина зошто мораше да дојде до една ваква состојба. Целта е постигната, а се отвораат проблеми! Лекција, која тешко дека некогаш ќе ја научиме“, вели Ристо Магдинчев.