1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

На Косово се молат да падне снег

Резервоарите за вода на Косово се речиси празни. Ако наскоро не падне дожд или снег, половина милион луѓе ќе се соочат со сериозен недостиг на вода. На Балканот неодговорно се трошат огромни количества вода...

Напукнатото дно на вештачкото езеро во Батлава, на североистокот на Косово, е јасен знак дека дожд и снег едноставно нема: „Ситуацијата е речиси катастрофална. Не се памети дека водата волку опаднала во овој дел од годината“, вели Севдет Термколи кој живее во околината. „И никој не памети дека до овој дел од годината да нема паднато снег“.

Додека Северна Америка се смрзнува, температурите во Европа се необично високи за јануари. Косово кое прогласи независност од Србија во 2008. година не е подготвено за вака благи и сушни зими. Една од причините за тоа е недостиг од инвестиции во метеоролошките установи и во инфраструктурата.

„На Косово мора да се решат големи предизвици кога станува збор за снабдувањето со вода“, вели за ДВ меѓународниот консултант за водоснабдување Брајан Фолкнер. Тој потсетува дека на Косово вообичаено паѓаат големи количества снег, кои брзо се топат напролет и потоа следуваат долги и топли лета. „Тоа бара многу педантно управување, долгорочно планирање и систем за предупредување. На Косово едноставно ги нема тие работи, затоа што нема доволно стручњаци, ниту пари, ниту други потребни услови“, истакнува Фолкнер.

„Се молиме за снег“

Во Приштинскиот водовод велат дека во овој град со повеќе стотици илјади жители наскоро ќе мора да се воведат рестрикции на вода, доколку резервоарите Батава и Бадовац не се дополнат во наредните неколку недели. „Речено ни е дека ќе има многу снег од 19 јануари натаму и ние се молиме за тоа. Сѐ уште немаме прогласено вонредна состојба“, вели портпаролката на водоводот, Арјета Мјеку.

Истовремено Брајан Фолкнер тврди дека проблемите нема да бидат решени со едноставно чекање на снегот или дождот. Според него постоечката инфраструктура не е во состојба да ги прифати и да ги искористи големите количества вода кои настануваат кога ќе се истопи снегот. Дури и ако водата стигне до резервоарите, таа честопати не стигнува до оние на кои им е најпотребна. „Во основа на Балканот се трошат неодговорно огромни количества вода“, вели Фолкнер. „Најмалку половина од сето количество што ќе се влее во резервоарите едноставно е загубено- исчезнува некаде во системот, едноставно истекува“.

Овој експерт исто така го загрижува тоа што нема доволно служби кои ги следат временските состојби и водостојот. Дел од хидрометеоролошката мрежа на Косово е уништен за време на војната и уште не е целосно обновен. Мнозинството политичари не сакаат да трошат пари за тоа. „Многу пати сум се среќавал со луѓе задолжени за водоснабдувањето на Косово. Тие само констатираат дека резервоарите бргу се празнат или дека реките пресушиле и потоа речиси секогаш преминуваат на кризен начин на работа“, вели Фолкнер.

Балканот не е подготвен за климатските проблеми

Косово, како и целиот Балкан, би можело да се најде на удар поради глобалното затоплување и промената на климата, односно варијациите во температурата и врнежите. Тоа го потврдија и институциите на Европската унија.

Kosovo Pristina

Приштина

Од иста причина, Германската агенција за меѓународна соработка (ГИЦ), вложува 3,5 милиони евра во заеднички проекти со државните институции во Албанија, Македонија, Црна Гора, Србија и на Косово. Целта е тие земји да се подготват за негативното влијание на климатските промени.

Во тие проекти учествува и Брајан Фолкнер. Тој често патува на Косово за да помогне во воспоставувањето за да помогне во воспоставувањето на систем за рано предупредување од поплави и суши. Според него, но и според актуелните предвидувања, на Балканот постои голем ризик за екстремни временски непогоди.

„Летата ќе станат сѐ посуви и сѐ потопли, но и зимите би можеле да станат поладни. Тоа ќе создаде далеку поголем проблем во снабдувањето со вода“, тврди Фолкнер. Тој отсетува дека бројот на жители на Косово расте, што значи дека политичарите мораат да посветет поголемо внимание на водоснабдувањето, како и на проучувањето и зачувувањето на изворите на воа. Тоа е неопходно дури и кога власта нема премногу пари:„Вакви кризи покажуваат дека недоволните инвестиции во тие области со себе носат опасности и ризици“.