1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

На Косово пет години по интервенцијата на НАТО му е потребен нов почеток

На денот кога се навршуваат пет години од почетокот на воздушните напади на НАТО врз Југославија, во 1999 година, тогашниот генерален секретар на алијансата, а сега висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Хавиер Солана, е на Косово на разговори со претставници на УНМИК, со косовските лидери и командантот на КФОР, генералот Холгер Камерхоф. Заедно со Солана е и еврокомесарот Крис Патен.

Војници на КФОР на Косово

Војници на КФОР на Косово

Двајцата изразија шокираност поради безредијата од изминатата недела. На петгодишнината од почетокот на косовската војна, во Приштина илјадници Албанци носат пароли со текст: ”НАТО благодариме – ние сме со тебе”. Во Белград, пак, целиот државен врв на помен за жртвите од НАТО нападите, кои според различни проценки се движат од 1 200 до 2 500.

Хавиер Солана и Крис Патен денеска во Косово Поле рекоа се ужаснати од насилството што се случило минатата недела. ”Тажно е да се видат уништени училишта од кои се евакуирани децата, да се видат убиени луѓе и запалени домови. Тоа е нешто што не смее да се толерира”, подвлече високиот претставник на ЕУ, додавајќи дека Србите се храбри и мораат да останат и да се обидат да ги обноват своите домови,и притоа ќе им биде пружена помош.

Непосредно пред посетата на Солана на Косово, во покраината е пукано врз патрола на полицијата на ОН, и притоа е убиен еден полицаец на ОН и еден негов албански колега. Цивилниот управник на ОН на Косово, Хари Холкери, денеска по повод петгодишнината иа НАТО интервенцијата, повика на нов почеток на Косово. Косовскиот претседател, Ибрахим Ругова, повика на сеќавање на, како што нагласи, еден од најважните датуми во историјата на Косово. Во Приштина собрани се илајдници Албанци, кои носат плакати со текст: ”Денови на надеж, на нов почеток” и ”НАТО благодариме – ние сме со тебе”.

На 78 дневната офанзива на НАТО во 1999 година, која почна на денешен ден, во Србија се потсетува со богослужби во помен на жртвите, а на поменот со кој богослужи српскиот патријарх Павле, во Белград, присуствува и државниот врв.

Во Белград, денеска престојуваа и шефот на бугарската и на словенечката дипломатија, Соломон Паси и Димитириј Рупел. Паси во својство на претседавач со ОБСЕ, оцени дека е потребна сериозна истрага за причините за ескалација на насилството на Косово минатата недела, додека Рупел најави подготвеност на Словенија да помогне во стабилизација на регионот. За решение на проблемот на Косово, според Рупел, се потребни нови идеи. Тој се надева дека свежи идеи можат да се појават на средбата за Западен Балкан во Вашингтон, на која ќе учествува на крајот на месецов.

Денеска , како засилување на колегите од КФОР на Косово, доаѓаат уште 200 белгиски војници. Шефот на германските зелени, Ангелика Беер, во интервју за Тирингер Алгемајнен, вели дека Бундесверот не треба прерано да се повлече од Балканот. Таа барајќи одржување меѓународна конференција за Балканот, изјавува дека присуството на Балканот е потребно уште долги години.

Војниците кои се веќе таму, се прилагодени на новонастанатата ситуација по насилството од минатата недела. Еден од припаднците на Бундесверот, раскажувајќи како ги доживеал безредијата, вели:

”Добро, човек е се разбира нервно напрегнат. Тоа е во ред. Но, ние никогаш немаме чувство дека сме сами. Во возилото седиме по петмина. Би излажал кога би рекол дека никогаш не сум почувствувал страв. Кога почнаа да ги кршат стаклата на нашите возила, си помислив – Опа! Што е сега работата?”

Основното прашање што се поставува по последниот бран насилство на Косово, според лондонскиот Институт за известување за војна и мир, гласи кој треба да ја земе одговорноста за тоа, а не дали двете најголеми заедници можат да живеат заедно.