1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

На концерт без вратоврска

Концертите на класична музика претежно ги посетува постара, сериозна и богата публика. Во Келнската филхармонија решија тоа да го променат, да ги привлечат и младите. „Трипклабинг“ е филхармонија без строги правила.

default

Добра музика во поинаква атмосфера-Трипклабинг

Во полумракот може да се препознае виолончело како виси од таванот, едно наспроти друго се поставени две платна за проекции, покрај еден ѕид седи жена која не се помрднува, покрај другото стои микс-пулт со кој очигледно се управува со сцената. Чекалницата на старата железничка станица во Келн одамна е позната како клуб, дискотека, ресторан, воопшто како култно собиралиште на различни уметници, па така беше многу погоден простор за „Трипклабинг“. Лоуренс Лангеворт, интендант (директор н.з.) на Келнската филхармонија и иницијатор на „Трипклабинг“, објаснува:

„Посебноста е во тоа што баравме форма која не е насочена да ги привлече традиционалните посетители на филхармонијата, туку и старосната група која можеби се чувствува малку изгубена меѓу традиционалните концерти и своите вообичаени музички собиралишта. Баравме место каде би можеле да доаѓаат посетители на возраст од 18 до 30 години и тоа место го озвучивме со музика која е и традиционална и посебна, и се‘ меѓу тие две категории“.

Публиката може да се движи

Во салата дизајнирана во младешки стил има место за околу 300 луѓе, а на публиката и‘ се наменети седум столчиња. Најавен е час на француска електронска музика. Салата брзо се полни, има и перници на кои може да се седне, а поголемиот дел посетители седи на подот или покрај барот. Најавени се и видео-проекции, како придружба на звуците на техничките апарати снимени во стилот „конкретна музика“, од првата половина на 20 век.

Alter Wartesaal, Köln, Deutschland

Старата чекалница доби нови содржини

„Публиката овде е многу мешана, не доаѓаат само млади, а токму тоа ме радува. Сметам дека е убаво што можете да бидете во движење. Никој не мора да седи, има простор, тука се и двете платна за проекции, повеќе подиуми за изведба на музика, па публиката практично е постојано во движење. Кој сака, може да прошета до барот и да си купи пијалок. Навистина, нема гласен разговор, целото движење се одвива дискретно, но и тоа движење е прекрасно, такво нешто не постои во филхармонијата“, вели Лоуренс Лангеворт.

Овој концертен проект на натпреварот за иновации „365 места во земјата на идеи“ доби награда која не се доделува само на чисто културни манифестации, туку и на постигнувања од науката и другите области. „Трипклабинг“ е формат кој полека ја освојува публиката.

Автор: Гудрун Штеген/Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска