1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

На Италија и‘ се заканува политичка парализа

Изборниот успех на Бепе Гриљо во Рим спречи освојување јасно мнозинство и со тоа стабилни односи, на кои се надеваа ЕУ и финансиските пазари по парламентарните избори во Италија.

Крајниот резултат стигна доцна синоќа, па сега дефинитивно е јасно: парламентарните избори во Италија ја доведоа земјата веројатно во ситуација да не може да се избере влада. Социјалдемократскиот лев центар предводен од Пјер Луиџи Барзани освои релативно мнозинство во Конгресот, Долниот дом на парламентот, со 29,5 проценти, но само со 124 илјади гласови предност. Врз основа на изборниот закон, централно левичарската коалиција со тоа има мнозинство на пратеничките места. Но, во Сенатот мнозинство може да има коалицијата на Силвио Берлускони, иако е сеедно како таму ќе изгледа конечната распределба на мандатите. Зашто, уште сега е јасно: ниту еден од двата големи политички табори таму нема да има доволно гласови за да добие мнозинство или да спречи негово формирање. Имено, апсолутното мнозинство во Сенатот изнесува 158 места , а значаен дел од мандатите му припаднаа на протестното движење на Бепе Гриљо. Неговиот изненадувачки силен пласман со освоените околу 25 проценти гласови се погрижи за тоа ниту центристичката левица, ниту конзервативците да не стигнат до апсолутно мнозинство. Енрико Лета, вице-шефот на демократите, доцна синоќа изјави:

Italien Wahlen Beppe Grillo

Бепе Гриљо

„Изборниот резултат води до Сенат без мнозинство. Тоа е ситуација која не‘ води кон ситуација која земјата досега не ја доживеала. Поради тоа, клучот е во одговорноста, збор кој постојано го користиме и применуваме. Единствениот вистински излез го гледам во нови избори“.

Тие пак би можеле да донесат нешто ако партиите претходно го променат спорниот изборен закон. Изјавата на Лета меѓутоа може да значи дека социјалдемократите ако е нужно ќе се впуштат во коалиција со конзервативниот табор на Силвио Берлускони. Многу други можности нема. Иако Фабрицион Чичито, претставник на партијата на Берлускони, повторно провоцираше:

„Гледам дека социјалдемократите доживеаја нервен слом. Гласачите ги казнија“.

Italien Wahlen Pier Luigi Bersani

Пјер Луиџи Барзани

Ова не личи многу на конструктивна соработка. Причина за неповолниот вкупен исход е и слабиот резултат на Марио Монти, толку слаб, што гласовите од неговиот табор, без разлика за кого, не се доволни за формирање мнозинство. Монти и покрај тоа настапи демонстративно задоволен:

„Резултатот на нашата листа е задоволувачки, зашто ние стартувавме дури на 4. јануари. Значи, по само 50 дена, за нас гласаа повеќе од 3,2 милиони Италијанци“.

Вистинскиот победник на изборите, Бепе Гриљо, популист и екс комичар, синоќа се појави преку вебстрим на неговиот интернет телевизиски канал. Тој уште пред изборите најави дека нема да коалицира со ниедна партија, па сега смета дека е неминовна коалиција на двата големи табора, центристичката левица и конзервативците:

„Но, се разбира, ние сме пречка, поради нас не можат и натаму да продолжат како досега. Значи, можат да бидат мирни, следните седум-осум месеци ќе предизвикаат хаос, но ние се обидуваме да држиме контрола“.

Според Гриљо, изборите беа само генерална проба, партиите се на раб на пропаст. Гриљо самиот нема да биде во парламентот, зашто е осудуван поради сообраќајна несреќа и не се кандидираше. Но, како шеф на движењето Пет ѕвезди тој се разбира има огромно влијание, конечно, секој четврти Италијанец гласаше за него. Но, и неговите популистички ставови на Италија и‘ навестуваат тешки времиња, вклучувајќи го и аспектот на еврокризата. Вестите од Италија се вознемирувачки, Берлускони повторно е во игра, стабилна влада не е на повидок. Каматите на италијанските државни обврзници синоќа повторно пораснаа.