1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

На Ист ривер врие како во кошница

Дипломатите во ОН трескавично работат на изнаоѓање компромисно решение спроти утрешното поднесување на молбата на Палестинците за признавање суверена држава.

default

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун на средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Ист ривер

Дипломатите на Ист ривер немаат време да здивнат. Уште само еден ден останува до планираниот чекор на палестинското раководство, кое наспроти сите притисоци и понуди не се откажува од намерата да поднесе официјално барање до генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, за признавање суверена држава. Дури ни средбата на американскиот претседател Барак Обама со претседателот на Палестинците Махмуд Абас не донесе поместување.

Апели на Бан Ки Мун

Со оглед на таквата ситуација, генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун апелираше до Израел да реагира разумно и одговорно на чекорот на Палестинците. Тој на средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистираше на воздржаност во овој деликатен момент.

Barack Obama UNO

Претседателот Барак Обама во седиштето на ОН

Бан порача дека се неопходни историски одлуки како од израелската, така и од палестинската страна. Тој ја поддржува идејата за создавање држава на Палестинците, која ќе живее во мир со безбеден Израел како сосед, но до таа цел водат само преговори, нагласи Бан.

Одбивен став на Израел

Израел, пак, категорично ја отфрла иницијативата на Палестинците. Премиерот Нетанјаху нагласи во Њујорк дека решение може да има само врз основа на мировни преговори. Тоа е единствениот начин да стигнеме до стабилен и траен мир, порача израелскиот премиер. Загрижен поради можен нов бран насилство на Блискиот исток поттикнат од спорот околу признавањето во ОН, американскиот претседател Барак Обама побара од Израелците и Палестинците вонредни напори за постигнување мир на Блискиот исток.

Компромисно решение?

Во меѓувреме со компромисен предлог се јави за збор францускиот претседател Никола Сакрози. Тој предложи ОН да ја признаат Палестина како „држава набљудувач“, статус што го има само уште Ватикан.

Nicolas Sarkozy UNO

Францускиот претседател Никола Саркози на говорницата на Генералното собрание на ОН

По таквото признавање Израелците и Палестинците треба да се вратат на преговарачка маса во рок од еден месец. За шест месеци треба да биде најдено решение за границите, а за една година треба да биде потпишан и комплетниот мировен договор меѓу двете страни.

Прва позитивна реакција

Генералниот секретар на Палестинското ослободително движење, Јасер Абед Рабо, го поздрави ваквиот компромисен предлог на Саркози, но додаде дека допрва треба да се разгледаат деталите. Рабо додаде дека палестинскките власти во секој случај в петок ќе го поднесат барањето за признавање до ОН. Портпаролот на палестинската делегација Набил Шаат оцени дека таквиот чекор е всушност обид на претседателот Абас да ја добие поддршката на меѓународната заедница за почнување сериозни преговори со Израел.

Процедура

Според процедурата на Светската организација, Палестинците би требале да ја добијат поддршката од најмалку девет од вкупно 15-те членки на Советот за безбедност, кој прв го разгледува барањето за членство. Доколку тоа се случи, САД се’ уште имаат можност да стават вето на барањето, со што Палестинците можат само уште да побараат од Генералното собрание признавање во статусот на „држава набљудувач“. Како алернатива дипломатите го спомнуваат и временското одложување на гласањето во Советот за безбедност за барањето на Палестинците и тоа на рок од неколку месеци, за кое време би можеле да течат директни мировни преговори меѓу Палестинците и Израелците, како единствен начин за изнаоѓање трајно решение.

Автор: ГЧ/АТ/дв/дпа/афп

Редактор: Борис Георгиевски